Шестчлениот бенд „Јупитер и Оквес“ од Конго вечер ќе го отворат 17. „ОФФест“. До 5 јуни фестивалот ќе има пет концертни вечери со вкупно десет изведувачи.

„Јупитер и Оквес“ е предводена од вокалот Јупитер Боконџи и вторпат се гости на фестивалот. Негува доминантен румба-стил, но истовремено и повеќе други ритми и стилови.

Поврзувајќи ги музичките традиции на Конго и западната музика, Јупитер создал свој оригинален музички израз и со составот „Оквес“ во митската румба на Конго ги внел фанкот и урбаните ритми.

Нивниот последен албум „Kin Sonic“, објавен во 2017 година за „Glitterbeat Records“, продолжува со истражувањата и патувањата низ богатото музичко наследство на Конго.

Концертот ќе се одржи во Дансинг салата на Младинскиот културен центар, каде што утревечер ќе настапат „Фајтинг виндмилс“, единствените учесници од Македонија годинава, кои ќе го промовираат новиот албум „An Exercise in Surprise“, како и американско-австралиско-турскиот состав „Диртмјузик“.

Во наредните денови на 17.ОФФест се и концертите на „Офичина Зое“ од Италија, „Ифрикија Електрик“ од Тунис, „Бармер бојс“ од Индија, француско-италијанскиот бенд „Транс аеолиан трансмисион“, пејачките Гаје Су Акјол од Турција и Уму Сангаре од Мали, како и настапот на диџеј Мукамбо од Белгија.

Организаторите за годинашното издание на фестивалот на музика од светот подготвија програма најбогата по денови и по учесници. Концертите ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар (Дансинг сала и кино „Фросина“), а последниот (на африканската пејачка Уму Сангаре) ќе биде во Македонската опера и балет.