Не постои поубав филм од „Убава жена“. Имав 18 години кога првпат го гледав, а потоа низ животот го гледав неброено многупати. Џулија Робертс (во улогата на проститутката Вивијан Ворд) и Ричард Гир (како моќниот и богат бизнисмен Едвард Луис), беа совршен пар, ми ги разгалија чувствата, ме насмеаја, ме расплакаа неколкупати низ филмот. Ми дадоа верба дека вистинската љубов постои, дека ги надминува сите препреки, дека победува наспроти сѐ. Многумина сметаа дека филмот е современа верзија на „Пепелашка“, но јас мислам дека тој е, всушност, „Травијата“ на новото време. И не само затоа што, во една сцена од филмот, „Травијата“ беше операта на која плачеше Вивијан Ворд понесена од убавината на музиката. Не постои поубава опера од „Травијата“. Најпознатата опера на Џузепе Верди е напишана според новелата „Дамата со камелии“ на Александар Дима Синот. Во неа Дима ја опишал својата љубовна врска со Мари Диплесис, најпознатата француска куртизана во тоа време (околу 1850 година). Госпоѓицата им била љубовница на повеќе моќници, аристократи и познати мажи од Париз, меѓу кои и на композиторот Франц Лист и на Александар Дима Таткото.

Виолета Валери, главниот лик во „Дамата со камелии“ и во „Травијата“ е куртизана, која во животот цели само кон задоволството и забавата. Таа не верува во љубовта додека не го сретне Алфредо. Тој ѝ покажува дека била во заблуда целиот свој живот и ја обвива со љубов за која обајцата не знаеле дека постои. И покрај сите разлики меѓу нив, и наспроти негодувањето на околината, тие уживаат во љубовта за која веруваат дека ќе биде вечна. Но, за жал, не била, зашто, под притисок на таткото на Алфредо, Виолета се откажува од љубовта и, болна од туберкулоза, на крајот умира млада. Но затоа љубовта на Вивијан Ворд и на Едвард Луис има среќен крај, тој ја спасува од лошиот живот, ја спасува од нејзините внатрешни демони и ѝ нуди прекрасен живот, полн со љубов.

За денот на виното и љубовта, нема посоодветна музичка нумера од дуетот „Бриндизи“ („Да наздравиме“) од „Травијата“. На здравје, за вечната љубов!

Лада Шоптрајанова Петровска