В недела во Кинотеката на Македонија, со почеток во 21 часот, традиционално ќе бидат прикажани наградените филмови од петнаесеттото издание на струмичкиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“, кој се одржа под мотото „Движења, патеки“. Во програмата на оваа филмска вечер се вклучени пет кратки филмови: „Мари“, „Потеклото на човекот“, „Зомбија“, „Телефонско дежурство“ и „Еден од многуте“.
Грчкиот филм „Мари“ на Панајотис Краварис, кој доби „златна потковица“ за најдобра кратка фикција, е филм што маѓепсува со приказната за предрасудите и љубовта на прв поглед, едноставна и веродостојна, но која содржи извесен шарм и многу изненадувачки крај. Норвешкиот филм „Потеклото на човекот“ на Пјотр Сапегин, кој доби „сребрена потковица“ за најдобра анимација, е прекрасно направен филм за меморијата и идентитетот преку навидум едноставна, но сепак длабока приказна.

Белгискиот филм „Зомбија“ на Балоџи Чијани, кој доби „бронзена потковица“ за најдобар документарец, е дело во кое уметникот ни нуди критички поглед, не само на нашите односи со технологијата туку и на политиката на целиот континент.
Рускиот краток игран филм „Телефонско дежурство“ на Ленар Камалов ја доби наградата „Ацо Алексов“, а тој ја прикажува изненадувачки емотивната слика за модерната војна, додека хрватскиот филм „Еден од многуте“ на Петра Злонога ја доби наградата „Ѓорги Абаџиев“ за имагинативниот експериментален анимиран израз.