Две македонски малцински копродукции, бугарско-македонската „Височините“ во режија на Виктор Божинов и албанско-италијанско-бугарско-македонската „Скршено“ во режија на Едмонд Будина, вечер и утревечер од 20 часот ќе бидат прикажани во Кинотека на Македонија.

Двата филма се во дистрибуција на „Узенгија“ од Скопје.

Играниот филм „Височините“ е инспириран од истоимениот роман на Милен Русков, кој во 2016 година ја доби престижната награда „Европски роман на годината“. Филмот беше на прво место на бугарскиот бокс офис лани со 150.000 гледачи во киносалите. Работен е по сценарио на Милен Русков, Нели Димитрова и Виктор Божинов, кој воедно е и режисер. Во главните улоги се Александар Алексиев, Владимир Михаилов, Стојан Дончев, музиката е на Петар Дундаков, директор на фотографија е Антон Бакарски, монтажер на филмот е Нина Алтипармакова, а продуценти се Иван Дојков и Огнен Антов. Филмот е во копродукција помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, а малцински копродуцент во Македонија е „Дрим фектори“.

Приказната почнува во 1872 година. Младиот револуционер Гичо е со бандата на Димитар Обштиот. Гичо го носи со него Асенчо, млад пастир од селото. Жеревна, кој е страсно инспириран од активностите на претстојната револуција. Во инает на забраната издадена од Централниот револуционерен комитет, Димитар Обштиот со својата банда врши кражба на турски приходи од данок. По операцијата на кражбата на златниците, Димитар Обштиот му доверува на Гичо една посебна мисија, да испорача на рака писмо до главниот револуционер, познатиот Левски. Гичо ја прифаќа задачата со гордост и заедно со Асенчо тргнуваат на пат кон Височините да го најдат Левски, кој секогаш се чини дека е ден пред нив.

„Скршено“ е нискобуџетен филм, а малцински копродуцент од Македонија е „КТ филм и медиа“ . Во главните улоги настапуваат Едмонд Будина, Лаерт Васили, Никола Ламбро, Сирја Меке, Ола Харизај, Сотирак Братко, Или Трајче, Ракеле Ларо, Анза Рочи.

Приказната во филмот се врти околу Јани Буди, кој откако излегува од затвор во Анкона, се качува на брод да се врати во својата татковина -Албанија. Потоа се качува на воз до Тирана и додека патува не го препознава пејзажот. Шета по улица која е исто така многу променета и доаѓа до својата стара куќа која ја нема видено 18 години. Од своите стари соседи ја дознава шокантната вистина: неговата сопруга починала откако бил уапсен, а син му Анди станал богат и корумпиран политичар.