Овој значаен јубилеј – 35 години македонистика на Истанбулскиот универзитет, кој се одбележува во годината кога се чествува стогодишнината од раѓањето на Конески, е уште еден показател на одличната соработка меѓу УКИМ и Истанбулскиот универзитет, како и на мостот меѓу двете земји и култури

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК) одбележува уште еден голем јубилеј – 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет. По овој повод, денеска, со почеток во 10 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан посветен на Лекторатот по македонски јазик во Истанбул.
– Овој значаен јубилеј – 35 години македонистика на Истанбулскиот универзитет, кој се одбележува во годината кога се чествува стогодишнината од раѓањето на Конески, е уште еден показател на одличната соработка меѓу УКИМ и Истанбулскиот универзитет, како и на мостот меѓу двете земји и култури, што обврзува и понатаму да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот, но и на турскиот јазик, литература и култура во двете земји – велат организаторите.
Настанот ќе го отвори ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, по што свои обраќања ќе имаат и ректорот на Истанбулскиот универзитет, Махмут Ак, и генералниот конзул на Македонија во Турција, Актан Аго. Осврнувајќи се на овој голем и исклучително значаен јубилеј, пред учесниците на настанот ќе се обратат и деканот на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, Хајати Девели, и деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, Анета Дучевска.

Во вториот дел од настанот свои излагања ќе имаат директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Весна Мојсова-Чепишевска, на темата „Конески – мостот меѓу двата универзитета, меѓу Скопје и Истанбул, меѓу двете земји и двата народа“. Со свои излагања за работата на Лекторатот по македонски јазик во Истанбул ќе зборуваат: раководителот на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет, Ѓонул Узелли, некогашната лекторка по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, Гордана Алексова, и сегашната лекторка Марина Цветаноска.
– Особено радува што свое учество и на овој настан ќе имаат студенти коишто го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет – Ајтен Атмаџа, која ќе настапи со песната „Убавите жени“, и Сила Екин со песната „Пеперуга“ од Блаже Конески – велат од Истанбулскиот универзитет.

Одбележувањето на јубилејот следува по зимската школа организирана од МСМЈЛК што се одржа на почетокот од оваа година, од која произлезе зборникот „Конески на 11 јазици“ промовиран минатата недела, како и по одбележувањето на јубилејот 45 години на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Со одбележувањето 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, УКИМ продолжува со низата активности за достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.
Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.