Ексклузивната промоција на трејлерот на новата домашна акциска телевизиска серија, со наслов „Блек опс“, се одржа минатата недела, во „Синеплекс“, за затворен круг посетители. Веста за настанот привлече големо внимание кај многубројните обожаватели и поддржувачи, кои во голем број ги пречекаа главните актери пред влезот на „Скопје сити мол“. Сите присутни беа опкружени со хермелини и членови на „Блек вајперс сквад“, во улога на специјалци, кои се и дел од филмската екипа.
Трејлерот ги прикажува најинтересните моменти од претстојната прва сезона од серијалот, а претставува микс на здружен талент. И самата премиера, како настан, ја прикажа реалната можност за внесување свежина во понудата на домашна филмска акција, со глобален потенцијал.
– Проект со вакви аспирации и ваков квалитет досега немало на нашите предели. Сметам дека сценариото е одлично напишано и задоволен сум што оваа серија ќе третира сериозни глобални проблеми преку еден шарен и динамичен приод. Глобалната битка за подобро утре започнува во внатрешноста на секого од нас, а тоа совршено го отсликува мојот лик Вилијам Конор – вели Дејвид Мука, етаблиран музичар со македонско и финско потекло, кој во серијата првпат се впушта во актерските води, глумејќи го главниот протагонист во серијата.

„Блек опс“ како филмски проект опфаќа неколку комплексни теми, реализирани во жанровите акција и драма. Гледачите ќе бидат сведоци на издржливоста на човекот во тешки околности, но ќе дознаат и за моќта на глобалната мрежа на подземјето, како и за трговијата со луѓе како посочен проблем и факт, нешто што беше претставено и во прикажаниот трејлер.
– Мислам дека е време македонската филмска сцена да доживее и дело од ваков калибар, со многу високи стандарди на кинематографија – изјави режисерот Били Дурмишовски.
Серијалот, според најавите, ќе се најде и на светските стриминг-платформи, како Нетфликс, Ејч-би-о, Амазон прајм и други.
Во актерската екипа, освен Дејвид Мука, ќе ги видиме и Христијан Тасковски-Таско (во улога на Тони Калашев, главниот негативец во серијата), Стефан Лазаров (Петар Бабиќ), Тамара Тодевска (Бела), Ана Стојановска (Нора), Игор Џамбазов (Џејсон Си Бут), Роберт Ристов (Цурик), Душан Пауновски (Марко Рет), Марија Лазарова (Софија) и многу други.
Продуцент на серијата е „Артистик филм продакшн“, а снимањето на епизодите од првата сезона треба да почне во текот на наредните месеци.