Македонската етно група „Љубојна“ успешно настапи на меѓународниот фестивал „Медитерански култури“ кој синоќа заврши во португалскиот главен град Лисабон.

Настапот на групата „Љубојна“ е во рамки на соработката меѓу канцелариите на ЦИОФФ-Светска организација на фолклорни фестивали од Македонија и Португалија, и со поддршка на македонското Министерство за култура, истакна Антонијо Димитровски, претставник на Република Македонија во ЦИОФФ.

– На Фестивалот учествуваа групи од Португалија, Турција, Грција, Италија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Шпанија, Тунис, Србија, Франција и Либан, а единствен претставник од нашата држава беше етно групата „Љубојна“. Целовечерниот фестивалски концерт нашите претставници го изведоа на свеченото отворање на фестивалот и во рамки на главната програма, заедно со врвниот музичар Раби Абу Калил. Публиката во Лисабон беше воодушевена од музичката понуда,односно од досега снимените албуми, а неколку композиции беа адаптирани со медитерански аранжман – потврди Димитровски.

За време на фестивалот „Медитерански култури“ беа организирани и се одржаа пет посебни програмски содржини како асоцијација на пет човекови сетила, за вид, допир, слух, мирис и за вкус.

Во изминатите денови во Лисабон со поддршка на ЦИОФФ се одржаа стручни работилници и изложби, семинар на тема „Сегашноста и иднината на медитеранските култури“, а беше формиран и посебен Центар за антропологија, информираа од македонската канцеларија на ЦИОФФ со седиште во Битола.