МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Од народот за народот – приказни од Македонија

Со ова продолжение од фељтонот сакам да им се заблагодарам на сите читатели на моите текстови, гледачи на програмата на јутјуб-каналите што ги менаџирам и присутните на првите два дела од серијата јавни предавања „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Пријатно бев изненаден кога на 6.11.2026 година видов над 120 луѓе во големиот амфитеатар на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе, кои со големо внимание и очигледна концентрација го проследија првото предавање. Повеќе од половината присутни беа дојдени од други градови, што претставува уште поголема мотивација за идни настани во Свети Николе. Минатата сабота, на 14.11.2026 година, во „Порта Македонија“ во Скопје над 30 луѓе беа присутни на второто јавно предавање, по кое имаше и интересна дискусија со дел од присутните, но и едно прашање што ме наведе да се замислам. Кога ме прашаа дали би можел да го променам форматот на предавањата со цел да се претстави Македонија пред родители со деца, се сетив дека веќе имам подготвен концепт од пред неколку години со работен наслов „Со чичко Никола низ Овче Поле“, кој веќе го трансформирам во презентација на „Мистична Македонија за деца и млади“.
Како надополнување на проектот „Мистична Македонија“, имам напишано десет приказни за деца и возрасни, за кои се надевам дека ќе добијат анимирана или играна екранизирана варијанта. Тие се подготвуваат за објавување во две збирки – „Овчеполски приказни“ и „Приказни од Македонија“.


Приказна за солунските атентатори

Двајцата дедовци си мезеа и наздравуваа додека внукот вртеше книга со песни. Под сенката на лозницата стануваше топло при крајот на пролетта, па го пуштаа цревото за да си ги разладат нозете. Радиото беше пуштено малку посилно, а детето повеќе ги слушаше текстовите на песните што се пееја отколку разговорот на дедовците. Внукот ја подигна главата и им рече:
– Еве песна што ја има во оваа книга.
Од радиото свиреше „болен ми лежи Миле Поп Јорданов… за народ загина, за Македонија…“
– Кој бил тој Миле, ќе ми кажете ли?
– Свате, кажи му – рече новинарот, стана и го засили звукот од радиото.
– Јунак, синко. Миле Поп Јорданов од Велес, го предале шпионите, па кога веќе не можел да се брани и снемал муниција, се застрелал сам. Од убава фамилија, брат му бил гемиџија.
– Што е тоа гемиџија?
– Гемиџии се луѓето што ги возеле гемиите – старите чунови по Вардар. Така се одвивала трговијата пред векови, дури и Брегалница и Пчиња биле пловни, па народот од кај нас се превезувал со сплавови до Велешко. Од Велес се одело за Солун, на големиот пазар. Гемиџии се млади јунаци што загинале во Солун на почетокот на овој век. Од такви фамилии, се жртвувале за Македонија.
– Што направиле тие гемиџии?
– Познатите солунски атентати, кои ја потресоа Европа – кажи му свате, рече новинарот прекинувајќи ги.
– Тие поставија пример за борбата за слобода на почетокот на овој век, а светлината на нивното дело ќе трае засекогаш. Се арчеа за Македонија.
– Експлозиите од нивниот динамит во Солун одекнаа низ сите весници во Европа, па и преку океанот – се вклучи и другиот дедо.
– Со гемиите по Вардар ли го однеле динамитот до Солун – праша внукот.
Дедовците се насмеаја додека детето нестрпливо очекуваше одговор.
– Од каде им толку динамит, кажете ми?
– И со гемии, и со магариња, и уште како ли не. Важно динамитот стигнал во Солун и завршил работа – новинарот се обиде да му објасни.
– Соработувале со други револуционерни умови со кои имале заедничка цел – ослободување на Македонија. Си го дале животот за Македонија – учителот воздивна.
– Јунаци свате, големи јунаци.
– Вечна им слава!
Внукот седна на празното столче на масата и одлучно им соопшти:
– И јас ќе бидам гемиџија.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)


Крешимир Мишак во Скопје и Банско: Од енигмата на НЛО до предизвиците на трансхуманизмот

Хрватскиот новинар, публицист и долгогодишен уредник и водител на култната емисија „На работ на науката“ на Хрватската радио-телевизија (ХРТ), Крешимир Мишак, викендов ќе одржи две завршни тематски предавања во Македонија за оваа година, пред неговите следни најавени гостувања во текот на пролетта 2027 година.
Првото предавање, насловено „Неидентификувани летачки објекти – од пештерските цртежи до вселената“, ќе се одржи в сабота, 21 ноември 2026 година, со почеток во 18.30 часот, во „Порта Македонија“ во Скопје. Тематски засновано врз неговата најнова, богато илустрирана книга, ова излагање нуди сеопфатен историски и аналитички преглед на НЛО-феноменот – од праисториските сведоштва и пештерски прикази, преку документираните средби во 20 век и современите орбитални набљудувања, па до декласифицираните владини документи и придружните феномени што ги надминуваат конвенционалните физички и научни објаснувања.
Вториот настан е закажан за недела, 22 ноември 2026 година, со почеток во 18 часот, во хотелот „Цар Самуил“ во Банско, Струмичко, а е посветен на темата „Трансхуманизам и синхроницитет“.

Во ова предавање Мишак ги анализира двете клучни оски што ја дефинираат современата цивилизациска пресвртница: од една страна, забрзаниот технолошки развој, вештачката интелигенција и трансхуманистичките тенденции кон редефинирање на човековата природа и автономија, а од друга – природата на свеста и концептот на синхроницитет, односно значајните коинциденции и подлабоките смисловни релации во реалноста. Наместо готови одговори, настанот отвора простор за критичко преиспитување на односот меѓу алгоритмите, слободната волја и суштината на човечкото постоење.
Билетите за двете предавања се достапни преку платформата tix.mk. Како официјален медиумски покровител на овие настани, „Нова Македонија“ ви овозможува да си набавите билети со намалување од 20 отсто преку линкови што ќе бидат објавени во оваа најава на веб-страницата на весникот.