Фото: „Нова Македонија“

ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН

  • Пред 123 години, на 18 август 1903, на возвишението Ѓуриште се случила битка кај младата дабова шума над манастирот

По повеќе од еден век и две децении откако се случило Илинденското востание, сѐ уште траат дебатите за тоа дали и до колку Организацијата била подготвена за него, а се споменуваат и огромниот број жртви и иселени, како и запалени македонски села за време и по востанието. По 1903-та, ретки биле реоните со населени места каде што комитите и војводите можеле безбедно да престојуваат. Во неколку извори со кои располагаме се споменуваат многуте посветени во тајните на Организацијата со потекло од Овче Поле, лојални членови што исполнувале различни функции (јатаци, курири, телохранители, благајници), но и дека Овчеполието било простор за одмор на комитите. Се памети и дека во овој регион се случиле повеќе сомнителни настани и многу предавства. Апостолот на македонската борба за слобода, Георги Николов Делчев – Гоце Делчев, кој додека бил учител во Ново Село редовно ги посетувал Богословец и Свети Николе, кажал дека не познава друг народ што пател толку од своите изроди – предавници, како македонскиот.
Две седмици по Илинденското востание во 1903 година, на 18 август се случила битката кај Ѓуришкиот манастир во Овче Поле. Шестиот востанички округ – Овчеполски, бил формиран со Општиот план за Илинденското востание, а во него влегувале Штипско, Скопско, Тетовско, Кумановско, Паланечко, Кратовско и Кочанско. Зошто толкав дел од Македонија бил опфатен во овој округ и поради која причина бил наречен Овчеполски се прашања на кои можеби ќе одговорат историчарите. Од овој регион се појавиле многу значајни дејци на Организацијата, а во истиот тој се посведочило и за многу предавства и пропагандни борби. Еден од најсветлите примери за посветеноста на народот во светото дело на Организацијата е јунаштвото на Доне Стојанов од светиниколското село Ерџелија, познат како Дончо Штипјанчето. Раководител на овој округ бил војводата Никола Пушкаров, кој исто како и многу други дејци се занимавал и со научна работа. Во август 1903 година, повлекувајќи се преку Вардар, четата на Ѓорче Петров требало да помине преку Овче Поле. Истовремено, натаму биле упатени и четите на војводите Пушкаров и Боби Стојчев. Пред четата на Петров да стигне на возвишението Ѓуриште на Градиштанската Планина, се случила битката кај Ѓуришкиот манастир. Четите на Пушкаров и Стојчев се судриле со башибозукот. За овој настан во младата дабова шума зад манастирот, Ѓорче Петров во своите спомени запишал „Пушкаров ми беше ветил канал, а тој направил судир…“
Во 1902 година, Никола Пушкаров бил испратен од Гоце Делчев како учител во Македонија. Дејствувал во Скопско, Кумановско, Кратовско и во други места и често бил одговорен за дел од трасите по кои се внесувало оружјето. Таму бил и Бобе Стојчев, кој подоцна е дел од обвинетите за предавство на тајниот канал на организацијата и соработка со српските чети. На 18 август 1903 година на Ѓуриште (Венец) се водела жестока битка меѓу османлискиот аскер и башибозук против четите во кои биле Никола Пушкаров, Тодор Паница, Крсто Лазаров–Коњушки, Христо Шалдев, Бобе Стојчев, комити од овчеполските села, и неколку групи од Бугарија и од Србија. Борбата траела речиси цело деноноќие…

Од спомените на Христо Шалдев

Вечерта двете чети со двата курира тргнаа кон селото Павлешенци. Беше убава месечева ноќ. Кон полноќ почна да дува ветерче, кое постепено се засилуваше. Застанавме да се одмориме во младата дабова шума. По неколку одмори, се упативме во една дабова шума над Ѓуришкиот манастир. Пушкаров сакаше да го разгледа врвот и рече дека ако четите располагаат со храна, вода и муниција, нека дојдат Турците, па ќе се бориме. Се слушнаа неколку истрели и се упативме кон врвот каде што со Пушкаров и уште тројца стари четници се укопавме, а лево од нас се засолна Тодор Николов Паница. По него беа четниците на Анѓелко. Кога почна да се разденува, забележавме дека од спротива се појавија луѓе што немаа фесови, туку каскети. Нашата чета очекуваше овде да помине четата на Ѓорче Петров, на која требаше да ѝ помогнеме за да ги помине Вардар и Овче Поле. Со Пушкаров ги напуштивме позициите и се упативме кон височината за да се увериме дека тоа не беа наши луѓе и се вративме кај нашите, каде што Бобе Стојчев беше ископал длабоки шанци како човечки бој. Неговата чета беше зазела позиција на јужната и западната страна. Пред изгревот на сонцето, почнаа да пристигнуваат турски војски и башибозук. По изгревот, бевме откриени и непријателот прв почна да пука од исток и од југ. Борбите траеја 16 часа. Цел ден четниците пееја бунтовни песни. Тодор Паница прв ја напушти позицијата и се упати да му помогне на другар му Христо. Бобе Стојчев се оддели од мојата чета и се упати кон шумата на селото Павлешенци и се сопре кај една дабова шума. Останатите тргнаа кон Дивље…

Од спомените на Никола Пушкаров

…Од Кожле, бидејќи веќе го скрив материјалот, решив да ги пообиколам селата за момчињата да одморат. На едно место селаните ме известија дека кумановската потера била близу. За да избегнеме средба со неа, отидовме на Ѓуришкиот манастир. Момчињата си легнаа. Додека проверував наоколу за да ја проучам месноста и се искачив на врвот, каде што имаше вештачки утврдувања, налетавме на некаква чета, која почна да пука. Успеав да ги разбудам момчињата и отидовме на другата страна, каде што во осум часот утрото се разбра дека тоа се Арнаути, кои дошле од кумановската потера. Започна престрелба со нив до девет и половина вечерта. Падна убиен Тодор Миразчиев од Штип и имавме тројца ранети. Потоа дојдоа седум души од Србија. Четници – тројца Срби и четворица Македонци. Штом дошле во Кумановскиот Реон, селаните од внатрешната организација ги фатиле и ги доведоа кај мене. Ги примив со себе и им дадов оружје. Ми раскажаа дека биле поголема чета, која тргнала од Врање, но штом влегле ги виделе Турците и само тие седум успеале да стигнат до Кумановско. Истите продолжија со мене. Ми раскажаа дека во Врање се составило дружество за да испраќа чети…

Од спомените на Крсто Лазаров-Коњушки

…Кога тргнавме кон скопското село Дивље, се сретнавме со војводата од овој регион, Боби Стојчев и неговата дружина. Четата тргнала по трагите на српските чети кои поминале преку Скопско кон Овче Поле, по тајниот канал што преку богомилскиот тунел водел кон Битолско. Кога слушнале за нашите судири дојдоа кај нас во август 1903 година. Само што се сретнавме слушнавме дека од кај Скопско, Кумановско и Велешко тргнале потери кон Ѓуриште. Тргнавме кон една височина над Ѓуришкиот манастир каде што се допираат четирите околии – Кумановската, Скопската, Велешката и Штипската. Кога пристигнавме во гората на ѓуришкиот манастир, една група четници отиде во Трстеник, Преод и Сопот по храна. Со нас во манастирот беше и Тодор Паница. Од селото Дивље до тука нѐ водеше Ефрем Тасев од село Трстеник. Една група постари другари отиде над манастирот за да изберат место за поставување на нашата чета доколку потерите наближат. Во гората доминираше ридот кој народот го нарекуваше Калето, според остатоците од старата тврдина на височината. Само што тргнаа кон калето, се слушна пукање од турските потери и беше ранет еден од куририте. Започнавме да се вкопуваме под калето и во текот на ноќта настапи затишје. Рано изутрината Турците ни испратија падар од село Сопот. Војводата Боби Стојчев веднаш го препозна дека е еден од нашите работници и го задржа кај нас. Почнавме да пукаме, а непријателите почнаа да ни одговараат со сета сила. Потерата дошла од Велешко, Светиниколско, Павлешенци, Коњаре, Скопско, од Коњаријата, Иванковци, Горобинци и други села. Борбата продолжи до 9 часот вечерта, од нашите падна убиен Мирасчиев, а Турците ни ранија три души. Во текот на ноќта отстапивме кон селото Дивље. Следните два дена ги поминавме во кумановското село Живиње, а потоа се сместивме во Павлешенци, затоа што кон Кратовско имаше многу војска..

Од спомените на Ѓорче Петров

…Нашиот пат оттука до Вардар повеќе вртеше по бреговите места, бидејќи на југ од таму се простира Светиниколското Поле, а низ него да одиш беше опасно, затоа зедовме северозападен правец по склоновите и ги поминавме Ѓуѓанци и Секулица. Бидејќи беше време на вршидба, речиси во сите села едновремено имаше и Турци. Ние в село не влегувавме, ами запиравме сѐ надвор од селата, во ниски кориички (сè голи места) тешко поминувавме. Требаше да се криеме зад карпи и ситни орманчиња при јака горештина. Патувавме сè во „цикцак“ за да се затскривуваме од спаиите Турци. Правевме од три до пет часа пат вечерно време, но денувањето ни беше мачно. При Ѓуришкиот манастир при Ѓуриште престојувавме два дена. Влеговме во манастирот три дена по борбата на Пушкаров со аскер. Се слушаше дека аскер ќе дојде, а требаше да влеземе внатре. Четата на Пушкаров по борбата преку Кумановско и Паланечко пребегнува во Бугарија. Пушкаров беше ми ветил да ми даде канал, а тој даде борба. Ние бевме од три страни опколени од аскер и очекувавме борба секоја минута. Под нас од северозападна страна на чуката гледавме како се укрепуваат турски војници. Не ни дотераа коњи вечерта поради вршидбата така што останавме два дена. Држев седум-осум души селани залог за секој случај. Вардар беше близу – по права линија осум часа. Ако бевме дале борба, повеќето од четата ќе се вратеше во Бугарија. До Плавица некои од четата јас ги држев под стража, за коишто имав сомнение дека ќе се вратат за Бугарија. Од Ѓуриште најпосле зедовме пат крај србоманското село Рудник, поминавме скришно покрај него и дојдовме во скопското село Брезово. По целиот пат низ кратовската и кумановската каза останав со впечатлението, дека тука нема никаква организација и просто требаше да си пробиваме пат низ селата. Амбицијата ми беше уште тука да го поминам Вардар во Битолско, а кога видовме, што е тука, оттука Вардар, уште повеќе ќе го сметав за несреќа да ми се погодеше тука да бидам откриен. При Брезово се скривме во една леска и одвај можевме да го извикаме раководителот. По пат сретнавме тројца четници од скопската чета, Раштанов со двајца учители, излезени низ Скопско и други. После Турците го беа фатиле Раштанов и го беа довеле во Скопје. Скопјаните нè најдоа, та ни донесоа леб од селото. Мислевме да го преминеме Вардар при с. Кожле (Скопско) – таму е Вардар поплиток. Бидејќи Пушкаров пред неколку дена беше дал борба, аскерот таму беше образувал синџир. Не остануваше пат, освен да го преминеме Вардар покрај Велес, бидејќи сите пунктови беа фатени по обидот на Пушкаров да дигне со динамит еден мост. Бев пишал во Велес да приготват за преминувањето преку Вардар…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)