АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ФИС
- Во чилеанските Анди се предвидени трки во Ел Колорадо, Ла Парва и во Коралко, на падините на вулканот Лонкимеј. Скијачите се во потрага по вредни ФИС-поени и имаат можност за трки на високо ниво во текот на летото на северната хемисфера, а сето тоа и како подготовка за СП 2027
Зимската серија во Чиле за годинава официјално почна во Ел Колорадо, означувајќи го почетокот на еден од најважните делови од календарот на натпревари во алпско скијање на јужната хемисфера, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Настапија повеќе од 62 натпреварувачи од десет земји во потрага по вредни ФИС-поени за меѓународните рангирања. Исклучителната снежна сезона создаде совршена сцена за трките, со извонредни услови, спектакуларно сонце и патека на високо ниво, пишува ФИС. Овие трки го означија почетокот на еден густ меѓународен календар од август до октомври, со повеќе од 15 трки во три од водечките скијачки центри во Чиле. Се очекува повеќе од 600 скијачи од над 40 земји да учествуваат во текот на целата серија, добивајќи можности за трки на високо ниво во текот на летото на северната хемисфера.
По воведните трки во Ел Колорадо, скијачите се селат во Ла Парва за традиционалните брзински трки од Јужноамериканскиот куп. Гран прито на Ла Парва ќе собере некои од водечките алпски скијачи во светот за цела недела натпреварување во брзинските дисциплини на предизвикувачка патека.
Потоа серијата ќе биде заокружена во скијачкиот центар Коралко, каде што скијачите ќе се натпреваруваат на падините на вулканот Лонкимеј. Зимската серија во Чиле за годинава ќе вклучува и трки во ски-крос и во сноуборд-крос, создавајќи разновидна програма на меѓународни зимски спортски настани, пишува ФИС.
Изданието на Зимската серија во Чиле ќе ги поддржи скијачите и во нивната подготовка за Светското првенство во алпско скијање в година, а ќе придонесе и за континуиран развој на алпското скијање во Јужна Америка преку конзистентен календар на меѓународни натпревари. Со исклучителниот почеток во Ел Колорадо и одличните снежни услови низ целата земја, зимата во Чиле не можеше да почне подобро, пишува ФИС. Во наредните недели во чилеанските Анди ќе настапат многу од најдобрите скијачи во светот, а акцијата сега се преместува во Ла Парва. Н.М.

































