Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска се одржа состанок на советодавната мисија Рамсар, посветен на иднината на Преспанското Езеро кое ја поврзува земјава со Албанија и Грција.

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити посочи дека потребни се итни и координирани акции за спас на Езерото, истакнувајќи ги климатските промени, користењето на водата за наводнување, како и подземните истекувања за најголеми закани.

– Правиме максимални напори да го спасиме Преспанското Езеро, кое во изминатите години се соочува со значително намалување на нивото на водата, што претставува сериозна закана за неговиот еколошки систем. Климатските промени, користење на водата за наводнување, подземни истекувања се едни од најголемите закани со кои мора сите да се соочиме и да ги решиме. Овие проблеми не можат да чекаат и затоа потребни се итни и координирани акции. Токму затоа, оваа мисија на Рамсарската конвенција е од исклучителна важност- посочи Меџити.

Имплементацијата на ЕУ Зелената агенда на Западен Балкан, Меџити нагласи дека не е изолиран напор – таа бара регионална соработка и усогласување на политиките со Европската унија.

– Имплементацијата на ЕУ Зелената агенда на Западен Балкан не е изолиран напор – таа бара регионална соработка и усогласување со политиките на Европската унија. Берлинскиот процес и другите иницијативи обезбедуваат вредни рамки за соработка, споделување знаење и финансиска поддршка. Сигурен сум дека само со заедничка работа, владите, бизнисите и граѓанското општество можат да го забрзаат напредокот и да поттикнат овие значајни промени. Токму во таа насока е оваа Рамсарска советодавна мисија која е независен технички советодавен механизам на Рамсарската конвенција, за преку секоја потписничка страна на конвенцијата може да побара стручен совет како соодветно да се справи и да управува со одредено рамсарско подрачје- посочи Меџити.

Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици или позната како Рамсарска конвенција по името на градот Рамсар, во Иран, каде е усвоена е меѓународен договор за заштита и одржливо користење на водните живеалишта (моклишта) со цел да се спречи нивното уништување и да се нагласи нивната еколошка стопанска, културна, научна и рекреативна вредност.