Фото: ЕПА

Бока јуниорс и Флуминенсе ќе се сретнат за титулата во Јужна Америка. Бока јуниорс ќе игра за седмата континентална круна (актуелен рекордер е Индепендиенте), а Флуминенсе за првата. Марсело од Флуминенсе ќе се обиде да влезе во елитната група од 13 фудбалери што биле клупски континентални прваци и во Европа и во Јужна Америка

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Бока јуниорс од Аргентина ќе игра со бразилскиот клуб Флуминенсе во финалето на клупското фудбалско првенство на Јужна Америка, Копа Либертадорес, на 4 ноември, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Триумфот на Бока јуниорс ја прекинува серијата од три последователни финалиња помеѓу тимови од Бразил во тоа натпреварување. Аргентинскиот гигант ќе игра за својата седма континентална круна (актуелен рекордер со седум титули во Копа Либертадорес е Индепендиенте од Аргентина), а Флуминенсе, предводен од селекторот на бразилската репрезентација Фернандо Диниз, ќе се обиде да ја освои својата прва титула во Копа Либертадорес.
Бразилецот Марсело од тимот на Флуминенсе во финалето ќе се обиде да влезе и во една елитна група фудбалери што биле клупски континентални прваци и во Европа и во Јужна Америка. Вкупно 13 играчи ги освоиле трофеите во Лигата на шампионите и во Копа Либертадорес. Марсело може да се приклучи, откако претходно пет пати беше европски првак со Реал Мадрид.
Досега прваци на два континента биле Бразилците Кафу (со Милан во 2007 година и со Сао Паоло во 1992 и во 1993), Дида (Милан 2003 и 2007 и Крузеиро 1997), Роке Жуниор (Милан 2003 и Палмеирас 1999), Роналдињо (Барселона 2006 и Атлетико Минеиро 2013), Данило (Реал Мадрид 2016 и 2017 и Сантос 2011), Нејмар (Барселона 2015 и Сантос 2011), Рафиња (Баерн 2013 и Фламенго 2019), Рамиреш (Челси 2012 и Палмеирас 2020) и Давид Луиз (Челси 2012 и Фламенго 2022) и Аргентинците Хуан Пабло Сорин (Јувентус 1996 и Ривер Плата 1996), кој прв се запиша на оваа листа, потоа Карлос Тевез (Манчестер јунајтед 2008 и Бока јуниорс 2003), Валтер Самуел (Интер 2010 и Бока јуниорс 2000) и Хулијан Алварез (Манчестер сити 2023 и Ривер Плата 2018). Сорин, Роналдињо, Рафиња, Рамиреш и Давид Луиз прво станаа прваци во Европа, а потоа во Јужна Америка. Н.М.


ФУДБАЛЕРИ СО ТИТУЛИ НА ДВА КОНТИНЕНТА

ФУДБАЛЕР ЛШ (ГОД.) КЛ (ГОД.)
Хуан Пабло Сорин Јувентус (1996) Ривер Плата (1996)
Дида Милан (2003 и 2007) Крузеиро (1997)
Роке Жуниор Милан (2003) Палмеирас (1999)
Кафу Милан (2007) Сао Паоло (1992 и 1993)
Карлос Тевез Манчестер Ј. (2008) Бока јуниорс (2003)
Валтер Самуел Интер (2010) Бока Јуниорс (2000)
Роналдињо Барселона (2006) Атлетико Минеиро (2013)
Нејмар Барселона (2015) Сантос (2011)
Данило Реал М. (2016 и 2017) Сантос (2011)
Рафиња Баерн (2013) Фламенго (2019)
Рамиреш Челси (2012) Палмеирас (2020)
Давид Луиз Челси (2012) Фламенго (2022)
Хулијан Алварез Манчестер С. (2023) Ривер Плата (2018)
ЛШ – Лига на шампионите; КЛ – Копа Либертадорес