Фото: Игор Бансколиев

Белгија, Франција и Португалија први обезбедија место на ЕП 2024 (заклучно со мечевите во саботата). Белгија претходно најбрзо се квалификува на ЕП 2020 (се пласира два дена пред следната селекција на таа листа) и за СП 2018 (еден месец пред другите)

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Репрезентацијата на Белгија третпат во претходните неколку квалификациски циклуси прва или меѓу првите (во ист ден и коло) обезбедува настап на големо фудбалско натпреварување, откако во петокот, заедно со Франција и со Португалија, прва обезбеди место на Европското првенство (ЕП) в година во Германија (заклучно со мечевите во саботата). Белгија претходно најбрзо се квалификува за претходниот континентален шампионат, ЕП 2020 (се пласира два дена пред следната селекција на таа листа) и за Светското првенство во 2018 година (еден месец пред другите).
Килијан Мбапе и Кристијано Роналдо постигнаа по два гола во мечеви по кои Франција и Португалија обезбедија пласман на ЕП 2024 со досега совршен учинок во квалификациите. На трите европски фудбалски гиганти им беше потребна победа за да се пласираат на ЕП и нивните ѕвездени напаѓачи се погрижија да стигнат до триумфите, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Франција ја победи Холандија со 2-1 на гости, Португалија славеше дома со Словачка со 3-2, а Белгија на гости ја совлада Австрија со 3-2.

Мбапе сега има 42 гола за Франција, еден повеќе од францускиот великан Мишел Платини. На таа голгетерска листа во Франција води Оливие Жиру со 54 погодока. На гостувањето во Амстердам, репрезентацијата на Франција го прими првиот гол во овој квалификациски циклус (сега има вкупна гол-разлика 13-1) и има шест победи на шесте досегашни натпревари.
Роналдо го подобри својот рекорд за меѓународни голови на 125, во 202 настапи. Португалија има 100-отстотен ефект со седум победи во седум кола со вкупна гол-разлика 27-2, откако ги прими првите два гола во овие квалификации.
Ромелу Лукаку повторно постигна гол, а Доди Лукебакио додаде уште два за Белгија, која со 10 играчи ја победи Австрија со 3-2 во Виена. Лукаку е на врвот на листата на стрелци во квалификациите за ЕП 2024 со девет гола од шест натпревари, со што сега за репрезентацијата на Белгија има 79 погодока, пишува АП.
Двете првопласирани селекции од секоја од 10-те групи директно ќе се пласираат на ЕП, а преостанатите три места ќе ги пополнат победниците на плејофот од Лигата на нациите. Н.М.