Кривата на новите случаи со Ковид-управувана од варијантата омикрон е многу поостра од претходните бранови, предупреди директорот на Институтот за здравствени истражувања во Африка, професорот Вилем Ханеком.

-Бранот во кој се наоѓаме во моментов е многу поостар, отколку што беше кривата во претходните бранови-објасни Ханеком во интервју за „Скај њуз“.

Според него се чини дека реинфекциите се почести за време на овој бран, што пак сугерира дека вирусот може да се спротивстави на некои аспекти од имунитетот со кој треба да се заштитиме.

Професорот Ханеком вели дека профилот на пациентите со омикрон е малку поинаков, со тоа што помладите луѓе се разболуваат, особено оние кои не биле вакцинирани. А оние кои биле вакцинирани имале поблага болест отколку што се очекува.

-Значи, тоа е веројатно добра вест и причина да се вакцинираме, бидејќи се чини дека вакцината сепак ќе штити од тешки болести и смрт-истакна Ханеком и додаде дека практично целиот вирус што го има во моментот во Јужна Африка е омикрон.