Со операцијата „Бура Ал-акса“ – Хамас влезе во војна со Израел
Според првичните сознанија, Хамас лансира над 5.000 ракети кон Израел од Газа. Истовремено, вооружени лица на Хамас се инфилтрираа во градовите низ јужниот дел на Израел во ненадеен долго планиран напад, кој во јавноста беше наречен „Операција: Бура Ал-акса“.
Најмалку 700 лица загинаа, а стотици беа ранети за време на нападот, додека бројката на заложници не е позната. Процените се дека за нападот израелските безбедносни агенции немаа конкретни оперативно-разузнавачки информации, што последователно „ги фати неподготвени израелските воени сили“ и поради тоа блицкригот на Хамас предизвика шок и големи загуби. Иако илјадниците ракети несомнено предизвикаа големо уништување, се чини дека тие беа диверзија, додека главните воени напори на Хамас беа концентрирани на заедниците на границата со Газа. Битките сѐ уште се во тек.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно вети дека ќе возврати и предупреди дека Хамас „ќе плати цена каква што никогаш досега не видел“.
Крвав и долготраен воен судир е на прагот на Блискиот Исток.
Кој е командантот на военото крило на Хамас? Мохамед Деиф – врховен заповедник на бригадите „Изедин ал-Касам“
Мохамед Деиф е врховен заповедник на бригадите „Изедин ал-Касам“, кои се воено крило на Хамас, кој управува со појасот Газа. Тој е еден од најбараните луѓе во Израел и досега преживеал најмалку седум обиди за атентат од страна на израелските сили. Исто така го викаат „гостин“ поради номадскиот начин на живот и избегнувањето на појавувањето во јавност.
Деиф живее во сенка во последните две децении и се верува дека е парализиран како последица на сериозни повреди од многубројните израелски напади. Последен обид за атентат преживеал во 2014-та, кога, според Хамас, загинале неговата сопруга и малолетното дете.
Израел со децении се обидуваше да го фати или физички да го елиминира. Во воздушен напад пред 20 години тој бил сериозно ранет и останал во инвалидска количка, откако останал без рака и нога. Мохамед Деиф ужива почит меѓу милитантните Палестинци, при што се искачи на највисоките ешалони на палестинското раководство, победувајќи ги ривалите во Фатах, поумерената палестинска политичка опција што ја фаворизира Западот.
– Дури и пред тоа, Деиф беше еден вид „света личност“ и многу почитуван во Хамас и од Палестинците – изјавил професорот на универзитетот „Ал-азхар“ во Газа, Мхајмар Абусада.
За издвојување е моментот кога гласот што се слуша во видеото, објавено неколку часа по последниот напад врз Израел, наводно му припаѓа на Мохамед Деиф. Токму додека се емитуваше неговата порака, стотици борци ја пробија граничната ограда меѓу Појасот Газа и Израел, влегувајќи во јужен Израел.
Како и другите во Хамас, Мохамед Деиф го смета договорот од Осло меѓу Палестина и Израел за „предавство на палестинскиот отпор“ и „остварување на целта Израел“ целосно да ја потисне Палестина.
Израел смета дека Деиф е одговорен за смртта на десетици луѓе во самоубиствени бомбашки напади, вклучувајќи и во 1996 година, кога беа убиени повеќе од 50 цивили. Резервниот полковник на израелската армија Ејал Росен тврди дека токму Деиф се обидел да започне втора војна за палестинска независност.
Подготвиле: Митко Јовановски; Даниела Трајковска Здравеска