Фото: Принтскрин

Обединетите нации соопштија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Турција е најсилниот во таа држава во повеќе од 80 години.

 – Ова е најсилниот земјотрес регистриран во Турција од 1939 година – се вели во извештајот објавен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA).

Во извештајот се наведува дека тимовите за одговор при итни случаи од Обединетите нации за проценка и координација при катастрофи (UNDAC), Меѓународната советодавна група за пребарување и спасување (ИНСАРАГ) и тимовите за итна медицинска помош на Светската здравствена организација (ЕМТ) се мобилизирани во Турција за да помогнат во хуманитарниот одговор.

 – ОН и партнерите внимателно ја следат ситуацијата на теренот и работат на мобилизирање ресурси за итни случаи во регионот – се наведува во извештајот.

Турција вчера беше погодена од два силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени. Околу 4.900 луѓе загинаа во серијата земјотреси во Турција и Сирија, додека неколку илјади беа повредени и останаа без покрив над главата.