Фото/Илустрација: Пиксабеј

Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди централна Јапонија.

Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами долж западните крајбрежни области на префектурите Ишикава, Ниигата и Тојама.

Се верува дека цунами со бранови високи до 5 метри ќе стигне до Ното во префектурата Ишикава, според метеоролошката агенција.

Бранови високи повеќе од еден метар го погодија брегот на градот Ваџима во префектурата Ишикава, објави на јапонската телевизија „НХК“.

Портпаролката на јапонската телевизија „НХК“ континуирано и итно ги повикува жителите да бараат безбедност на високото место. Првично нема извештаи за штети или жртви, пренесе ДПА.

Епицентарот на потресот бил на полуостровот Ното во префектурата Ишикава, на околу 505 километри северозападно од Токио.

Јапонија е една од најзагрозените земји во светот од земјотреси.