Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Владимир Зеленски утрово реагираше на веста за експлозиите низ земјата, велејќи дека Русите „се обидуваат да ја уништат“ Украина.

– Ги уништуваат нашите луѓе кои спијат дома во Запорожје. Убиваат луѓе кои одат на работа во Дњепар и Киев. Воздушната тревога не стивнува низ цела Украина. Тие се обидуваат да нѐ уништат и да нѐ избришат од лицето на Земјата – рече Зеленски.

Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, на Твитер објави фотографии од нешто што изгледа како игралиште со натпис: „Детско игралиште во центарот на Киев по нападот“.

Советникот на Зеленски, Михаил Подолјак, изјави дека „намерните напади“ врз центарот на Киев, како и нападите врз Запорожје на југ и Дњепар во централна Украина, се уште еден доказ за „терористичката неадекватност на Кремљ“.

– Русија не е способна да се бори на бојното поле, но е способна да убива цивили. Наместо разговори, потребна ни е противвоздушна одбрана, МЛРС, ракети со поголем дострел – нагласи тој.

Единствената тактика на Путин е терор врз мирните украински градови, но тој нема да ја разбие Украина, напиша украинскиот министер за надворешни работи на Твитер Дмитро Кулеба.

– Ова е и неговиот одговор на сите смирувачи кои сакаат да разговараат со него за мир: Путин е терорист кој зборува со проектили – нагласи Кулеба во врска со денешните руски напади во Киев и повеќе украински градови.

– Осум цивили загинаа, а 24 се ранети во ракетните напади врз Киев утринава, изјави помошникот на украинскиот министер за внатрешни работи Ростослав Смирнов.

Шест автомобили се запалија по нападот, а повеќе од 15 возила беа оштетени, објави Смирнов на Фејсбук.

Тој додаде дека 30 припадници на службата за итни случаи и шест единици за брз одговор се на местото на настанот во киевскиот кварт Шевченкивски.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко соопшти дека проектилите погодиле „критична инфраструктура“ во градот.

– Главниот град е нападнат од руски терористи – напиша Кличко на Телеграм.