КОЊИЧКИ СПОРТ – ПРВ ОКТОМВРИСКИ ТУРНИР

Леонида Гроздановска освои две први места на првиот Октомвриски коњички турнир и на петтото коло од Првенството на Македонија во прескокнување пречки со коњи за 2022 година, кои се одржаа на теренот на скопскиот коњички клуб Бравадос, во Волково. На програмата беа пет натпревари во прескокнување пречки, во класите А, Б, Ц, Д, и дебитанти со висина на пречките од 0,9 до 1,2 метар и ширина од 1,4 метар.
На првиот натпревар, во класата Д (0,9-1 м), победи Лиа Каев со грлото „Нур“ од клубот Анималс, пред Ева Димитриевска со грлото „Ерос“ од КК Бравадос и Сандра Маслинко со грлото „Прешес“ од КК Анималс. Во вториот натпревар, во класата Ц (1-1,1 м), триумфира Петар Милошевски со грлото „Надја“ од КК Бравадос, втора беше Каев, а трета Гроздановска со грлото „Џилдан“ од КК Анималс.

Во третиот натпревар, во класата Б (1-1,2 м), Гроздановска со грлото „Кардино“ од КК Анималс беше прва, пред Милошевски и Дарио Гроздановски со грлото „Силвано“ од КК Анималс. Гроздановска доминираше и во четвртиот натпревар, во класата А (1,2-1,4 м) со истото грло, втор беше Гроздановски, а третото место го освои Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ од КК Бравадос.

И во петтиот натпревар, во класата дебитанти (0,6-0,7 м), сите што го апсолвираа паркурот без казнени поени го поделија првото место. Тоа се Горјан Атанасовски со грлото „Чарли“ од КК Илинден, Ина Илиевска со грлото „Калатус“ од КК Бравадос, Калина Колевска со грлото „Војводка“ од КК Анималс и Јована Божиновска со грлото „Калатус“ од КК Бравадос. Г.И.