Колумна на магазинот „Тајм“

Авив Куц (54), член на Кибуц Кфар Аза, е пријател од детството на мој многу близок пријател. Авив и неговата сопруга Ливнат (49) и нивните три деца, Ротем (19), Јонатан (17) и Јифтач (15), со години живеат во Кфар Аза. Иако семејството Куц претрпе многу ракетни и минофрлачки напади на Хамас врз нивниот кибуц, родителите и децата продолжија да се надеваат на мир.
Секоја година семејството Куц организираше фестивал на летање змејови, со цел да се создаде мал мирен простор во воената зона. Шарени змејови – некои прикажуваа пораки за мир – беа летани во близината на граничната ограда со Газа. Сестрата на Ливна, Ади Леви Салма, која учествуваше на фестивалот во претходните години, рече дека „идејата е да се летаат змејовите во близината на оградата, да ѝ се покаже на Газа дека сакаме само да живееме во мир“. Годинешниот фестивал на змејови беше планиран за саботата, 7 октомври. „Фестивал на змејови 2023“, се наведува во поканата, „ќе се сретнеме на фудбалскиот терен во 16 часот за да го украсиме небото“. Неколку часа пред почетокот на фестивалот, терористите на Хамас го нападнаа и го окупираа кибуцот. Терористите одеа од куќа до куќа, систематски мачејќи, убивајќи и киднапирајќи десетици членови на кибуцот. Сите пет члена на семејството Куц беа заклани.
Умот се мачи од таквите ѕверства. Зошто луѓето прават такви работи? Што се надеваше да постигне Хамас? Целта на нападот на Хамас не беше заземање и задржување територија. Хамас немаше воена способност долго да го држи кибуцот пред израелската армија. За да се разберат целите на Хамас, треба да се забележат три работи. Прво, Хамас во голема мера го фокусираше својот напад на убивање и киднапирање цивили наместо војници. Второ, терористите на Хамас мачеа и егзекутираа возрасни, деца, па дури и бебиња на најгрозоморните начини на кои терористите можеа да помислат. Трето, наместо да се обидува да ги скрие злосторствата, Хамас се погрижи тие да бидат објавени, дури и сними некои од самите злосторства и ги постави шокантните видеа на социјалните мрежи.
Сето тоа се совпаѓа со дефиницијата за тероризам, а слични работи сме виделе и порано со ИСИС. За разлика од конвенционалното војување, кое обично има цел да заземе територија или да ги деградира воените способности, тероризмот е форма на психолошка војна што има цел да застрашува. Убивајќи стотици луѓе на ужасни начини и објавувајќи го тоа, организациите како ИСИС и Хамас се обидуваат да преплашат милиони. Покрај ширењето терор, Хамас исто така има цел да сее семе на омраза во главите на милиони – Израелци, Палестинци и други луѓе низ светот.
Хамас се разликува од другите палестински организации како што е ПЛО и не треба да се поистоветува со целиот палестински народ. Од своето основање, Хамас категорично одби да го признае правото на Израел да постои и направи сѐ што е во негова моќ да ја уништи секоја шанса за мир меѓу Израелците и Палестинците и меѓу Израел и арапскиот свет. Непосредна заднина на тековниот циклус на насилство се мировните договори потпишани меѓу Израел и неколку земји од Персискиот Залив и очекуваниот мировен договор меѓу Израел и Саудиска Арабија. Договорот се очекуваше не само да ги нормализира односите меѓу Израел и поголемиот дел од арапскиот свет туку и донекаде да ги ублажи страдањата на милиони Палестинци што живеат под израелска окупација и да го рестартира израелско-палестинскиот мировен процес. Ништо повеќе не го алармира Хамас од можноста за мир. Тоа е причината зошто го започна својот напад – и затоа ги уби семејството Куц и над илјада други израелски цивили. Она што го направи Хамас е злосторство против човештвото во најдлабока смисла на терминот. Злосторство против човештвото не е само убивање луѓе. Станува збор за уништување на нашата доверба во човештвото. Кога сте сведоци на работи како што се мачени и егзекутирани родители пред нивните деца, или брутално убиени мали деца, ја губите секоја доверба во луѓето. И на тој начин ризикувате да ја изгубите и сопствената човечност.

Злосторствата на Хамас не може да се оправдаат со обвинување за поранешното израелско однесување. Две погрешни постапки не прават една исправна. Има многу да се критикува Израел дека со децении држеше милиони Палестинци под окупација и дека во последниве години се откажа од секој сериозен обид да се постигне мир со палестинскиот народ. Сепак, убиството на семејството Куц и многуте други злосторства извршени од Хамас не требаше да го рестартираат мировниот процес, ниту, пак, веројатно ќе ослободат ниту еден Палестинец од израелската окупација. Наместо тоа, војната што ја започна Хамас им нанесува огромно страдање на милиони Палестинци. Воден од својот религиозен фанатизам, се чини дека Хамас едноставно не се грижи за човечкото страдање – било на Израелците или на Палестинците. За разлика од секуларната ПЛО, многу од водачите и активистите на Хамас се чини дека главно се грижат за нивните фантазии за небесниот задгробен живот. Тие се подготвени да го префрлат овој свет во пламен и да ги уништат нашите души во тој процес, така што нивните души наводно ќе уживаат вечно блаженство во другиот свет.
Мора да победиме во оваа војна на душите. Во својата војна против Хамас, Израел има должност да ги брани својата територија и своите граѓани, но мора да ја брани и својата хуманост. Нашата војна е со Хамас, а не со палестинскиот народ. Палестинските цивили заслужуваат да уживаат мир и просперитет во својата татковина, па дури и во екот на конфликт, нивните основни човекови права треба да бидат признаени од сите страни. Тоа не се однесува само на Израел туку и на Египет, кој дели граница со Појасот Газа и кој делумно ја запечати таа граница.
Што се однесува на Хамас, тој и неговите поддржувачи треба да бидат екскомуницирани од човештвото. Не само Израел туку и целата човечка заедница треба да го стави Хамас целосно надвор од рамките, исто како што тоа претходно го правеше со ИСИС. Израелските граѓани не можат да живеат на места како Кфар Аза со Хамас преку оградата, исто како што ирачките и сириските граѓани не можеа да живеат со ИСИС на својот праг. Десетици илјади израелски цивили веќе ги напуштија пограничните области и не можат да се вратат во своите домови додека не се отстрани заканата по нивните животи. На подлабоко ниво, животите на сите луѓе се обезвреднуваат и се загрозени сѐ додека на организациите како Хамас и ИСИС им се дозволува да постојат.
Целите на војната во Газа треба да бидат јасни. На крајот на војната, Хамас треба целосно да се разоружи и да се демилитаризира Појасот Газа, за да може палестинските цивили да живеат достоинствен живот во Појасот Газа, а израелските цивили да живеат без страв покрај Појасот Газа. Сè додека не се постигнат тие цели, борбата за одржување на нашата хуманост ќе биде тешка. Повеќето Израелци се психолошки неспособни во овој момент да сочувствуваат со Палестинците. Мислите ни се целосно исполнети со нашата сопствена болка и не останува простор дури и да ја признаеме болката на другите. Многумина од луѓето што се обидоа да одржат таков простор – како семејството Куц – се мртви или длабоко трауматизирани. Повеќето Палестинци се во аналогна ситуација – и нивните умови се толку исполнети со болка што не можат да ја видат нашата болка.
Но, аутсајдерите што самите не се нурнати во болка треба да се потрудат да сочувствуваат со сите луѓе што страдаат, наместо мрзеливо да гледаат само дел од ужасната реалност. Работа на аутсајдерите е да помогнат во одржувањето на просторот за мир. Го депонираме овој мирен простор кај вас, бидејќи не можеме да го задржиме во моментов. Добро грижете се за нас, за еден ден, кога болката ќе почне да заздравува, и Израелците и Палестинците да го населат тој простор.

Ноа Харари е историчар, филозоф и автор на бестселери