Во францускиот град Евијан-Ле-Бен, на брегот на Женевското Езеро, денеска започнува тридневниот Самит на Г-7, на кој светските лидери ќе разговараат за најгорливите глобални прашања – конфликтот со Иран, војната во Украина, економските предизвици и развојот на вештачката интелигенција.
На самитот учествуваат лидерите на САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Една од главните теми ќе биде продолжувањето на поддршката за Украина и обидите на земјите-членки да демонстрираат единство во однос на руската агресија, пренесе “Ројтерс“.
Европските сојузници ќе настојуваат да го убедат американскиот претседател Доналд Трамп дека позицијата на Украина е зајакната и дека Европа презема сѐ поголем дел од воената и финансиската поддршка за Киев. Во фокусот ќе бидат и можните идни мировни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
На состанокот се очекува да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Меѓу клучните теми на агендата ќе биде и неодамна постигнатиот договор меѓу САД и Иран, кој сѐ уште чека официјално потпишување. Лидерите ќе разговараат за неговите потенцијални последици врз безбедноста на Блискиот Исток, како и за повторното отворање на Ормуската Теснина, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и гас, пишува „Ројтерс“.
Во делот посветен на регионалната безбедност ќе се вклучат и претставници на Египет, Катар и Обединетите Арапски Емирати, кои ќе учествуваат во разговорите за стабилноста на Блискиот Исток и идните безбедносни аранжмани во регионот.
Покрај геополитичките прашања, лидерите на Г-7 ќе дискутираат и за глобалните економски нерамнотежи, трговските односи и предизвиците што ги носи забрзаниот развој на вештачката интелигенција.


































