Драгана Шубаревиќ
Различните форми на љубов се меѓусебно поврзани и имаат заеднички корен во искуствата од детството, верувал Сигмунд Фројд. Неговата теорија е дека психичкиот извор на вљубувањето е нашата перцепција за согледување на идеалната верзија од себеси во некоја друга личност. А неколку други студии испитувале како нашите тела физички реагираат на љубовта.
Вљубувањето активира дури 12 региони во мозокот, поради што научниците веруваат дека „љубовта на прв поглед“ навистина постои. Затоа едно лице може да се заљуби во некого само неколку секунди по средбата со него.
Старата изрека дека нашето срце „запира“ кога сме заљубени е донекаде точна. Имено, процесот на заљубување влијае на нивото на хормони, го намалува крвниот притисок и го забавува срцевиот ритам.
Истражувачите исто така пронајдоа врска помеѓу среќно заљубените парови и здравјето на нивните коски. Имено, овие парови со текот на времето наводно развиле посилни коски. Чувството на вљубеност исто така влијае на истите нервни рецептори на кои влијаат лековите против болки.
Неколку студии покажаа дека заљубените луѓе губат барем еден час сон дневно. Виновникот, секако, е личноста во која сме заљубени и за која размислуваме пред да заспиеме. Мозокот го ослободува хормонот окситоцин за време на моментите на вљубеност, што исто така влијае на меморијата. Научно е докажано дека вљубеноста влијае и на способноста за фокусирање и концентрација.
Одредена студија покажала дека вљубените луѓе имаат поизразено чувство за вкус и дека сè им дејствува многу послатко. А кога разговараат со луѓе што им се допаѓаат, жените имаат тенденција да зборуваат со повисок тон, според студија објавена во списанието „Еволутивна психологија“.


































