Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека е постигнат мировен договор меѓу САД и Иран, откако претходно истото го соопшти пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој посредуваше во преговорите меѓу двете страни.
– Договорот со Исламската Република Иран е постигнат – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, пренесе „Гардијан“.
Иако засега не се објавени официјалните детали од договорот, Шариф изјави дека тој предвидува „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.
Во својата објава Трамп наведе дека Ормуската Теснина ќе биде повторно отворена за поморски сообраќај без дополнителни такси, а американската поморска блокада ќе биде укината.
– Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека потече нафтата! – порача американскиот претседател.
Во друга објава, Трамп оцени дека договорот ќе донесе мир и стабилност во регионот.
– Многу претседатели се обидоа да склучат мир со Иран и сите потфрлија пред мене. Лидерите на регионот, по првпат, пронајдоа претседател кој може да им помогне да постигнат вистински мир. Со отворањето на теснината по потпишувањето на договорот во петок, со цел отстранување на мини, нафтата повторно ќе тече од двата краја за регионот и за светот – напиша Трамп.
Според повеќе извори запознаени со преговорите, нацрт-договорот предвидува отворање на Ормуската Теснина и укинување на американската блокада, додека прашањето за иранската нуклеарна програма ќе биде предмет на дополнителни разговори во рамки на 60-дневен преговарачки период, пренесе „Ројтерс“.
Висок ирански извор изјавил дека САД ќе одмрзнат ирански средства во вредност од 25 милијарди долари, додека Иран ќе се обврзе да не произведува и да не набавува нуклеарно оружје.
Според истиот извор, Техеран се согласил да го задржи сегашниот статус на својата нуклеарна програма, односно да не збогатува ураниум и да не ги проширува нуклеарните капацитети до постигнување конечен договор.
Шехбаз Шариф најави дека мировниот договор ќе биде официјално потпишан на церемонија што ќе се одржи во петок во Швајцарија.


































