Проблемот е долготраен, се повторува и засега е нерешлив. Имено, со коректно поставената урбана опрема на автобуските постојки, некои граѓани силеџиски постапуваат и од некоја причина ја руинираат. Сега, на многу места нема натстрешница, па во жешките денови патниците се кријат зад бандерата што им е единствена сенка. И кога врне е исто. Замислете, немате чадор и додека да ви дојде автобусот вие мора да киснете на дождот. Нема клупа, само врз два камена некој се досетил и поставил картон или шперплоча, а на гугл-мапата од пред осум години се гледа дека имало барем клупа. Целата постојка е во ѓубре во текот на целата година, а просторот наоколу е сосема неурбанизиран, без табла на која би пишувало кои автобуси застануваат тука, велат анкетираните граѓани

Необјаснив агресивен нагон за уништување на опремата на автобуските постојки

И покрај обидите од Скопје да направиме метропола, се чини дека сѐ уште сме далеку од тој епитет. И, за жал, проблем не се само ѓубрето и правливите улици туку и голем дел од сообраќајната инфраструктура, а посебна приказна се автобуските постојки, од кои некои воопшто и не се обележани, па граѓаните не знаат точно каде да ги чекаат автобусите. За тоа се погрижиле некои несовесни граѓани.

РЕАЛЕН ПРОБЛЕМ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Скопје како град што повеќе од 30 години има свој автобуски превоз не смее да си дозволи да има необележани автобуски постојки. А такви, екипата на „Нова Македонија“, со помош на граѓаните на Скопје, пронајде повеќе. Колкава е вистинската бројка најдобро знаат скопјани, кои редовно користат автобуски превоз.
Една таква постојка има во Бутел 2, наречена „старо кино“, уште една има во истата населба, но на улицата Ферид Бајрам, која води кон скопската населба Железара, друга има во Кисела Вода, лоцирана на Првомајска, во близината на училиштата „Владо Тасевски“ и „Марија Кири“. Граѓаните, особено оние што, на пример, мора да заминат во населба што не ја познаваат, принудени се да прашуваат каде да чекаат автобус, кој автобус стои на таа постојка и каде оди.
– Има голем број луѓе што, ете, не биле во Бутел од разни причини и не го познаваат тој дел од Скопје. Како да се снајдат, како да ја најдат постојката, која притоа никако не е обележана. Се наоѓа пред семејна куќа, а единствен показател дека таму има автобуска се луѓето што го знаат тоа, па си го чекаат автобусот. Да биде апсурдот поголем, поминаа десетина години откако низ градот беа поставени новите постојки со екран на кој може да се следи пристигнувањето на превозот. Е сега некаде да има современи постојки како што заслужуваат граѓаните, а некаде воопшто да нема никакви знаци или патокази е навистина чудно, да не речам апсурдно – вели Марина Јовановска, жителка на Скопје.
За Елена Димовска, чие дете учи во „Владо Тасевски“, ваквата ситуација е недозволива.
– Проблемот е што не е никако обележано дека има автобуска постојка. Згора на тоа нема ниту натстрешница, па во жешките денови патниците се кријат зад бандерата што им е единствена сенка. И кога врне е исто. Замислете, немате чадор и додека да ви дојде автобусот вие мора да киснете на дождот. Нема клупа, само врз два камена некој се досетил и поставил картон или шперплоча. Да биде иронијата поголема, ако погледнете на гугл-мапата од пред осум години се гледа дека имало барем клупа. Целата постојка е во ѓубре во текот на целата година, а и целиот простор околу неа е сосема неурбанизиран, без табла на која би пишувало кои автобуси застануваат тука. Оваа постојка најчесто ја користат жителите на југоисточните населени места на Скопје, како и учениците што учат во средните училишта ви близината, „Владо Тасевски“ и „Марија Кири“ – вели таа.
Според многумина од нашите сограѓани што ги затекнавме на споменатата локација, ова е проблем и за луѓето што доаѓаат од другите населени места низ Македонија, а особено за странците, кои воопшто не го познаваат градот.

ОБЈАСНУВАЊЕ НЕМА, а веројатно не треба ниту да има, потребна е – реакција

Објаснување за тоа зошто на некои места и покрај толку време нема поставени постојки, од Јавното сообраќајно претпријатие не добивме и покрај тоа што прашањата за овој проблем ги испративме уште пред повеќе од еден месец, поточно на 13 септември.
На оние места каде што има постојки, факт е дека вандалите ги уништуваат и демолираат.
Многупати досега пишувавме дека кантите за отпадоци што се поставени на постојките редовно се опожаруваат со догорчиња, а на стаклата постојано се чкрта и се лепат разни листови и огласи.
Дополнително, клупите се оштетуваат, се гребат со клучеви, деца се потпишуваат на нив и трајно ги оштетуваат.
– Редовно гледаме деца, поточно ученици во средни училишта како го оштетуваат инвентарот на постојката. Некои од нив дури се вртат на екраните на кои го пишува пристигнувањето на автобусите. Во неколку наврати досега реагирав, меѓутоа тоа е веќе домашна култура на која мора родителите да поработат. Ние не можеме да ги воспитуваме сите деца што намерно кршат и уништуваат – вели Благица Кузмановска.