Фото: Александар Вучиќ/твитер

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека желбата на косовскиот премиер Албин Курти е да ја вовлече Србија во конфликт со НАТО, дека санкциите што ги воведоа САД врз директорот на БИА Александар Вулин се форма на притисок врз него и дека изборите ќе се одржат најдоцна до мај следната година, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ во интервјуто на ТВ Прва рече дека Албин Курти има „сериозни комплекси“, дека не го интересираат инвестиции, туку други работи и дека кажува лаги кога тврди дека Косово се вооружува поради српските бази во копнената безбедносна зона.

-Таму имавме свои бази од конфликтот со НАТО, сега ги има уште помалку. Тој бара доволна причина за глупостите што ги изговара, да ја вовлече Србија во конфликт со НАТО. Тоа е нивна политичка желба и ние тоа мора да го избегнеме, рече Вучиќ и додаде дека се надева дека ќе го зачува мирот, дека ќе даде се од себе и затоа разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Кога станува збор за надворешната политика на Србија и престојот на претставниците на Српската листа од Косово во Вашингтон, Вучиќ истакна дека овие средби се многу важни, бидејќи тоа е потврда и легитимирање на нивната улога и позиции.

Српскиот претседател изјави дека со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган разговарал за испораката на дроновите „Бајрактар“ во Приштина, бидејќи, како што рече, сето тоа е спротивно на меѓународното јавно право.

Тој во интервјуто за ТВ Прва истакна дека санкциите наметнати од САД врз Александар Вулин се форма на притисок врз него.

-Дали тоа е порака за мене? Да. Не се сомневам во тоа. Што да правам, да клекнам за да останам на власт уште три или четири месеци, праша Вучиќ и додаде дека вечерта пред воведувањето на санкциите против Александар Вулин, од еден функционер добил најексплицитен совет дека тоа нема да се случи ако барем најави санкции против Русија.

-Вечерта пред официјалното воведување санкции (од американското Министерство за финансии) за Александар Вулин, неофицијално да воведов санкции, само да ги најавив или спомнав дека ќе има промени во политиката, како што ми беше кажано, немаше да има санкции против Вулин, а јас си молчев, рече претседателот на Србија.

Вучиќ изјави дека избори ќе има кога ќе посака опозицијата, а најдоцна до мај следната година.

-Повеќе не знам дали тие сакаат избори. Се трудам да им ги исполнам сите желби. Ако нема големи желби и честитки за порано да се одржат изборите, ќе одиме на избори во април, мај и тоа е тоа. Тогаш кога доаѓаат редовно да се одржат, рече Вучиќ.

Тој изјави дека суштината на идното движење за државата и народот е независна и самостојна Србија која е на европскиот пат, но која ги чува своите традиционални пријателства и носи самостојно одлуки, а не некој друг наместо неа да ги носи одлуките.