Фото: Твитер

Чешкиот министер за европски прашања Мартин Дворжак истакна дека нема причина земјите од Западен Балкан да стравуваат дека пристапот на Украина кон Европската Унија значи дека нивните европски амбиции ќе останат на страна.

– И старите членки на Европската Унија разбираат дека ЕУ не смее да го загуби Западен Балкан. ЕУ не може да го препушти регионот на нестабилност бидејќи тоа може да предизвика големи проблеми. Треба постепено да ги вклучиме балканските земји во нашите разговори, дури и ако засега без право на глас, но веќе е потребно да се слушаат нивните ставови, нивниот глас, рече Дворжак во интервју за чешката новинска агенција ЧТК.

Тој ја пофали идејата според која земјите-кандидати од Западен Балкан, по исполнувањето на некои од условите, да добијат пристап до единствениот пазар на ЕУ уште пред членството, но предупреди дека во случајот на Србија и Косово, не е можно продлабочување на односите со Брисел додека не се смират тензиите во односите меѓу Белград и Приштина и не се обнови дијалогот.

Тој, како што се посочува во интервјуто, го изразил своето воодушевување за Северна Македонија. – Ми се чини дека е најскромна во барањата и најподготвена да направи отстапки дури и по цена на голема политичка загуба во јавноста, рече тој во врска со промената на името и Уставот.

Според него, Косово и Албанија имаат најмногу „прозападни влади“.

Чешкиот министер за европски прашања Мартин Дворжак изјави дека за него е добра вест што српскиот претседател Александар Вучиќ се уште бара пат меѓу Истокот и Западот и дека тоа е извесен напредок, бидејќи се чинеше дека дефинитивно се одлучил за Русија.

„Србија малку балансира, но претседателот Александар Вучиќ бара начин. За мене е добра вест што сака да го бара. Имаше моменти кога имав чувство дека Србија веќе одлучила дека овој пат ќе води никаде и дека единствениот спас е во Русија и претседателот Владимир Путин“, вели Дворжак за европските амбиции на Белград.