фото: Архива

И администрацијата на ЕУ, како и секоја друга администрација… Единствената работа што ѝ е во фокусот е да добие уште еден мандат! И тоа го прави на начин што знае дека ќе му се допадне на електоратот: со ветувања и со преиспитување нешта за кои се знае дека предизвикале негодувања кај гласачкото тело. Овој пат станува збор за ревизија на одлуката на Европската комисија (ЕК) за стопирање или, поточно кажано, малку поинаков приод на прашањето за прекинување на производството и продажбата на нови автомобили на бензин и дизел во 2035 година

Европската комисија ја ревидира својата позиција во врска со продолжувањето на животот на бензинските мотори

Во пресрет на европските избори започнаа да се јавуваат политичарите со свои ставови во однос на некои од актуелните клучни прашања со различни ставови од своите конкуренти или, пак, со ревидирање на своите досегашни, сѐ со цел да се придобијат што повеќе гласачи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повторно зборуваше за стопирање на продажбата на нови автомобили на бензин и дизел во 2035 година, но овој пат со малку поинаква реторика. Поточно, таа се фокусира на т.н. клаузула за ревизија поставена за 2026 година, односно дека има намера да ја искористи можноста за „гаранција за отворање“ можни технологии што се алтернативни на електронската технологија, особено е-горивата.
– Состојбата на технологијата е таква што до 2035 година емисиите ќе мора да бидат нула. Сепак, постои заеднички предлог од Комисијата и Советот да им се даде посебна улога на е-горивата. Тоа често се заборава, но во 2026 година ќе има ревизија на нашата одлука, која гарантира дека ќе бидеме отворени за нови технологии доколку тие се развиваат – рече Фон дер Лајен.
Германската политичарка истакна дека клаузулата ќе послужи и како гаранција за „можноста за избор на потрошувачите“, а компаниите да одлучат во што ќе инвестираат и каква е за нив мобилноста на иднината.
Секако, ваквата реторика е мотивирана од европските избори во јуни, каде што Фон дер Лајен бара повторна потврда и е единствениот кандидат на Народната партија за претседател на истата комисија.

За да биде сликата целосна, треба да се наведе и ставот на претседателот на ЕПП (Европската народна партија), Манфред Вебер, кој неодамна вети дека ако победи, ќе ја укине забраната за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување.
Сето ова е дел од планот за напад на европските зелени и социјалдемократските партии и апел за поддршка на индустријата, иако таквата изјава се чинеше дека е резултат на внатрепартиски борби.
Имено, токму таа изјава повикува на откажување на една од клучните политики на Урсула фон дер Лајен и нејзиниот поранешен климатски „цар“ Франц Тимерманс.
– Ја отфрламе политиката на забрани, како што е забраната за мотори со внатрешно согорување, и исто така ќе ја ревидираме што е можно поскоро – се наведува во манифестот
Наместо да ја принуди транзицијата кон електрични автомобили, ЕПП вели дека ќе се потпира на „иновативни концепти и пазарни инструменти за заштита на климата со тргување со емисии, проширување на обновливите извори на енергија и кружна економија“, додавајќи дека сака „понатамошен развој“ на европскиот зелен договор, големиот пакет закони за климата чиј креатор е токму Урсула фон дер Лајен.