Фото: Делови од потонатиот брод Титаник/принтскрин

Мини-подморница која превезува туристи до потонатиот брод Титаник исчезна во Атлантскиот Океан, јавува Би-Би-Си. Се наведува дека во тек е спасувачка операција.

Туристичката подморница исчезнала со пет лица во неа.

„Ocean Gate Expeditions“ и „Bluefish“ се единствените компании кои нудат вакви тури, а билетот чини околу 250.000 долари.

Веќе некое време помали подморници ги носат туристите до потонатиот брод , кој се наоѓа на длабочина од 3.800 метри на дното на Атлантскиот Океан, на околу 600 километри од брегот на Њуфаундленд, Канада.

Според онлајн материјалите на „Ocean Gate Expeditions“, подморницата Титан може безбедно да работи до 96 часа со петчлен екипаж, пишува „Дејли мејл“.

Компанијата потврди дека нејзината подморница исчезнала.

– Ги истражуваме и ги преземаме сите опции за безбедно враќање на екипажот – соопшти компанијата.

– Фокусирани сме само на враќање на членовите на екипажот на подморницата кај нивните семејства. Работиме на безбедно враќање на членовите на екипажот – потенцираа оттаму.

Титаник потона на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година, при што загинаа околу 1.500 луѓе. Потонатиот брод е пронајден во 1985 година.