фото: Пиксабеј

ЕУ очекува српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на приштинските институции Албин Курти да одговорат без предуслови на поканата на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борељ, на состанок за кризата во северно Косово, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано во Брисел.

– Датумот на состанокот не е одреден, бидејќи страните се уште не го потврдиле присуството. Високиот претставник Борел и земјите-членки очекуваат поразумен и поконструктивен пристап од оние кои сакаат да влезат во ЕУ. Поканети се и двете страни. очекуваме да дојдат на разговорите без да поставуваат предуслови – рече Стано.

Портпаролот на ЕУ нагласи дека земјите-членки следат дали има волја во Белград и Приштина за деескалација на ситуацијата и најави дека Косово ќе биде тема на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник.

Стано оцени дека на терен се уште нема знаци на деескалација и затоа ЕУ ги поканила Вучиќ и Курти на разговор.

– Засега нема одговори, освен некои многу неконструктивни коментари во јавноста. Очекуваме да дојдат на разговорите, кои се можност да се покаже конструктивност и да се најде решение за кризата – нагласува Стано.

Тој посочува и дека не се работи за исполнување на барањата на Брисел, туку за „европската иднина на народот во Србија и Косово“.

– Непосветувањето на решението ќе има последици за народот на Србија и Косово, а тоа ќе биде единствена одговорност на претседателот Вучиќ и премиерот Курти –  заклучи Стано.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, ги покани Вучиќ и Курти на разговори во Брисел, имајќи предвид, како што рече, дека состојбата на терен секој ден се влошува.