Фото: ЕПА

Анализа на „Оксфорд аналитика“

Заклучоците на анализата на реномираната „Оксфорд аналитика“ откриваат дека во Европа повторно може да се отвори амбисот на енергетската неизвесност и несигурност. Заклучоците се совпаѓаат и со информацијата за ненадеен скок на цената на природниот гас во Европа за 40 отсто. Сите водечки финансиски медиуми неодамна објавија дека „поводот за скокот на цената на природниот гас е прозаичен – штрајк на работниците на ЛНГ-постројките во Австралија, кои не се задоволни од просечните плати од околу 3.000 австралиски долари (податок од австралискиот Завод за статистика), но вистинската причина е сосема друга и посуштинска.

Акумулираниот политички ризик сè подраматично влијае врз работењето на компаниите

Имено, за новиот ценовен шок е тежишно виновен геополитичкиот конфликт. Драстичното редуцирање на снабдувањето со природен гас од Русија и следствено поскапувањето на гасот, во суштина е реализација на акумулираниот политички ризик!
А политичките ризици, меѓу кои не се само пресметката на Западот со Русија или тензиите во односите со Кина, како и носењето редица контроверзни одлуки во јавните политики, сè подраматично влијаат врз работењето на компаниите.
Годинашното истражување на „Оксфорд аналитика“ открива дека 100 отсто од глобалните корпорации работеле на јакнење на сопствените способности за управување со политички ризици, додека 54 отсто ги зголемиле инвестициите во осигурување од политички ризици или на некој начин финансиски се заштитиле од политички ризици.
Најтешко се погодени европските компании. На глобално ниво, како што покажуваат податоците од истражувањето, 60 отсто од компаниите пријавиле негативно нето-влијание од конфликтот во Украина, додека западноевропските компании во 86 отсто од случаите процениле дека поради тој политички ризик имаат директни или индиректни загуби.
Само 33 отсто од американските компании процениле дека политичкиот ризик им генерира нето-штета. Тоа секаде се огромни проценти што ги откриваат вистинските размери на планетарната бизнис-драма што ја генерираат наталожените политички ризици, па речиси сигурно истражувањето на „Оксфорд аналитика“ треба да стане еден вид прирачник од кој треба да читаат носителите на политички одлуки пред потенцијалното правење штета. Прашање на време е кога акумулираните политички ризици ќе ја направат Европа и редица нејзини бизниси целосно неодржливи.

Шокот од војната во Европа предизвикал промена на бизнис-парадигмата

Компаниите го препознаваат драстичниот раст на политичкиот ризик, а осигурувањето на тој политички ризик во добар дел се следи со раст на загриженоста.
Анализите на експертите од „Оксфорд аналитика“ ја поставуваат тезата дека шокот од војната во Европа предизвикал промена на бизнис-парадигмата. Процентот на компании што купиле некаков облик на осигурување од политички ризик пораснал од 25 отсто во 2019, на 68 отсто оваа година. Во истиот период бројот на компании што предвидуваа јакнење на деглобализациските трендови порасна од минатогодишните 16 на годинашните 50 отсто. Н.М.