Подготвил: Mарјан Велевски

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) пристигнал во тајна посета на Киев, објави „Вашингтон пост“. Според весникот, шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, за време на својата тајна посета на Киев се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и раководството на украинската разузнавачка служба.
– Директорот Барнс неодамна отпатува во Украина, како што прави редовно повеќе од една година. Официјални лица од Украина му кажале на шефот на ЦИА за стратегијата за повторно заземање на територијата и почеток на преговори за прекин на огнот до крајот на годината – го цитира „Вашингтон пост“ својот извор.

Весникот исто така дознава дека властите во Киев му кажале на Барнс за плановите на Украина да распореди артилерија и проектили во близината на Крим за можни напади на полуостровот.

Претходно, на предавање во британската фондација „Дичли“ во Оксфордшир, Англија, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, изјави дека незадоволството во Русија од војната во Украина е можност што се појавува еднаш во генерација за регрутирање шпиони и дека неговата агенција не ја пропушта таа можност.

Барнс, инаку поранешен американски амбасадор во Москва, на предавањето додаде дека оружениот бунт на водачот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, го покажал корозивниот ефект врз Русија од војната во Украина. Барнс го опиша бунтот како „оружен предизвик за руската држава“, но рече дека тоа е „внатрешна руска работа, во која САД немаат и нема да имаат учество“.