Фото: Принтскрин

Украина вчера изврши 14 воздушни напади врз позициите на руската војска, соопшти Генералштабот на украинската армија на Фејсбук.

– Нашите бранители уништија два противвоздушни ракетни системи – тврди ГШ на украинската армија.

Во соопштението се посочува и дека украинските ракети и артилерија вчера погодиле три контролни пунктови, пет магацини за муниција и три артилериски единици.

– Русија ги концентрира своите воени напори во правците Лиман, Бахмут, Авдивка и Маринка – истакнува ГШ на украинската армија.

Официјален претставник назначен од руските власти денеска призна дека Украина повторно зазела село во јужниот регион Запорожје, што е нејзин прв успех на тој фронт откако ја почна својата контраофанзива претходно овој месец.

Владимир Рогов изјави дека украинските сили ја зазеле населбата Пјатихатки и таму се вкопуваат додека се под оган од руска артилерија.

– Непријателските офанзивни „бранови“ дадоа резултати, и покрај огромните загуби – напиша Рогов на Телеграм и додаде дека во областа продолжуваат тешки борби.

Засега нема коментар од Украина, а светските медиуми нагласуваат дека информацијата за ситуацијата на бојното поле не може независно да биде потврдена.