Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

Војната во Украина може да трае долго, но Западот треба да продолжи да ја поддржува земјата на сите можни начини, изјави холандскиот премиер Марк Руте за време на посетата на Киев.

– Оваа војна може да трае подолго отколку што очекувавме и се надевавме. Но, тоа не значи дека ќе останеме со скрстени раце и ќе гледаме како се одвива од страна. Мораме да останеме фокусирани и да продолжиме со нашата поддршка на секој начин – рече Руте денеска на прес-конференција со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Холандскиот премиер најави и испорака на нови артилериски системи со долг дострел, како и финансиска помош за Украина во износ од 200 милиони евра.

Руската артилерија ја надминува украинската во однос осум спрема еден, што ја става Украина во подредена положба, изјави денеска портпаролот на Украинската меѓународна легија, Демиен Магру. Тој на брифинг во Киев изјави дека јазот може да се премости доколку Западот испрати повеќе тешко оружје во Украина.

– Влегуваме во фаза на војната кога силно се чувствува нашата подредена позиција во однос на руските сили во врска со тешкото вооружување – рече Магру.

Тој додаде дека на бојното поле може да се види ефикасноста на повеќецевните фрлачи М142 ХИМАРС испорачани од САД.

– Веќе можете да ги видите резултатите – рече Магру.

Руте ги посети и Буча, Ирпин и Бородјанка – три града во регионот на Киев кои беа окупирани од руските сили на почетокот на војната. Ова е прва посета на Руте од почетокот на војната на Украина на 24 февруари.

По средбата со него, Зеленски на Телеграм ги поздрави „конструктивните“ разговори што ги имал со Руте и се заблагодари на Холандија, за која напиша дека е „дел од првите топ 10 пријатели на земјата“.