Украинскиот премиер, Денис Шмигаљ, денеска побара ракетни системи „Патриот“ и други високотехнолошки системи за противвоздушна одбрана, со цел Украина да се спротивстави на засилените руски напади.

Руските воздушни напади продолжија и денеска на истокот на Украина.

Шмихал за француски медиуми изјави дека Русија таргетирајќи ја клучната инфраструктура во Украина и оставајќи милиони луѓе без струја и вода, „сака да ја преплави Европа” со нов бран украински бегалци.

Засега ниту една држава не испорачала системи „Патриот“ за Украина. Германија понуди такви системи на Полска, како засилување на заштитата на полскиот воздушен простор.

Милиони Украинци ја напуштија земјата од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а се стравува дека голем број би можеле да ги напуштат своите домови во текот на зимата.