Фото: принтскрин

Најмалку три лица загинаа во разорното торнадо што го погоди градот Перитон во американската сојузна држава Тексас, соопштија локалните власти.

Шефот на пожарникарите во Перитон, Пол Дачер изјави дека бројот на повредени може да биде околу 100 лица.

„Повредите се движат од мали до сериозни, а неколку пациенти се пренесени во болници“, рече Дачер.

Градот Перитон, во Тексас, кој има околу 8.000 жители, е без струја бидејќи објектите се затворени од безбедносни причини, а спасувачки екипи се на терен и ја проценуваат штетата од торнадото што го погоди градот во текот на вечерта, соопшти енергетската компанија.

Националната метеоролошка служба потврди дека градот бил погоден од торнадо, а на социјалните мрежи кружат видеа на кои се гледа голема материјална штета. Според локалните медиуми, градот можеби бил погоден од повеќе торнада.

Најмалку 30 мобилни куќи добија директен удар од торнадото и беа уништени или оштетени.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, одобри финансирање за одговор при итни случаи за Перитон, се вели во соопштението од канцеларијата на гувернерот.

Повеќе од 185 извештаи за бури вчера беа примени низ САД, при што досега се регистрирани седум торнада, вклучувајќи четири во Оклахома, две во Тексас и едно во Мичиген.