Osprey V-22
Фото: ЕПА

Тројца американски маринци загинаа кога воен авион „Osprey V-22“ се урна на изолиран остров во северна Австралија, соопшти локалната полиција.

– Во авионот имало вкупно 23 лица. Тројца починаа, а петмина беа пренесени во Кралската болница Дарвин во тешка состојба – изјави Мајкл Марфи, началник на полицијата на Северната територија на Австралија, пренесе „Хина“, повикувајќи се на „АФП“.

Авионот „Osprey V-22“ се урна во близина на островот Мелвил, на околу 60 километри од австралискиот град Дарвин.

Австралиското Министерство за одбрана соопшти дека несреќата се случила за време на годишната вежба „Predator Run“ во која учествувале војските на Австралија, САД, Источен Тимор, Индонезија и Филипините.

Австралиските одбранбени сили (ADF) соопштија дека на авионит „Osprey“ немало австралиски персонал.

– Во оваа критична рана фаза, нашиот фокус е да одговориме на инцидентот и да ги обезбедиме инволвираните – се вели во соопштението на „АДФ“.

САД и Австралија, клучните сојузници во Пацификот, ја зајакнаа воената соработка во последниве години поради се понаметливата Кина.

Четворица австралиски војници загинаа минатиот месец кога нивниот хеликоптер се урна во морето кај брегот на Квинсленд.