Научници од САД, Русија, ЕУ и од Индија работат на истражувања како што се нуклеарни реактори од четврта генерација

Во меѓународната експертска јавност деновиве се отвори нова полемика: Дали навистина треба да се плашиме од нуклеарна војна или тоа е само лажна вест? Ваквата дилема стана уште поприсутна откако стана јасно дека Русија не може да ја покори Украина, па во пропагандната војна што се пласира од сите страни, сѐ почесто пристигнуваат закани за употреба на нуклеарно оружје.
Дополнително, јавноста се вознемири откако беше пласирана веста дека на состанокот во Минск во четвртокот, белорускиот претседател Александар Лукашенко, наводно, му рекол на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека „Русија мора да биде подготвена да користи нуклеарно оружје“. Пет дена пред тоа, рускиот лидер Владимир Путин рече дека неговата земја ќе ѝ ги предаде на Белорусија ракетните системи „искандер-М“ во наредните месеци, „кои можат да испукаат балистички или крстосувачки ракети, и конвенционални и нуклеарни“.
Ова како да беше почетен сигнал за да се разбудат теориите на заговор, во случајов на користење атомско оружје. Меѓу првите се огласи американскиот магазин „Атлантик“, кој во написот во кој се разговара со голем број американски експерти, генерали и дипломати, потврди дека сите се согласуваат дека веројатноста за нуклеарна војна е поголема сега отколку кога било од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Досега принципите на користење нуклеарно оружје беа регулирани со Договорот за неширење на нуклеарното оружје меѓу петте земји што развија и користеа таква технологија пред 1967 година, но американската влада проценува дека Русија има неколку начини да изврши атомски напад врз Украинците. Тоа, според „Атлантик“, се: детонација на нуклеарна бомба над Црно Море, како демонстрација на сила и намера без директни жртви; обид да се уништи раководството на Украина со удирање на бункерите на претседателот Володимир Зеленски и неговите советници; напад на украинска воена база или магацин без намера да им наштети на цивилите, или уништување цел град и колење цивили за да се предизвика терор и да се принуди противникот веднаш да се откаже од борбата (по примерот што САД го направија во 1945 година, со нуклеарното бомбардирање на Хирошима и Нагасаки).
Се разбира, следуваше реакција на експертите што не се согласуваат со ваквите застрашувачки сценарија. Еден од нив е Тончи Тадиќ, нуклеарен физичар од институтот „Руѓер Бошковиќ“ во Хрватска, експерт со меѓународна репутација, за кого сето тоа е небулоза.
Во реалноста, ова е бесмислено однесување, бидејќи значи дека руските конвенционални воени сили се безвредни, па на овој начин ѝ се закануваат на Украина, која воено е многу поинфериорна. Исто така е бесмислено затоа што никој во Русија не може да предвиди како ќе се развива ситуацијата откако тие би користеле нуклеарно оружје, тешко дека може да сметате на фрлање таква бомба, а другата страна нема да реагира – смета Тадиќ.

Она што е малку познато кај пошироката јавност, како што додава Тадиќ, е фактот дека во светот постои постојана соработка на нуклеарните научници, која не престанала и додека трае војната во Украина. Научници од САД, Русија, ЕУ и од Индија работат на истражувања како што се нуклеарни реактори од четвртата генерација, како и на фузијата. „Преку овие канали секако се испраќаат пораки и до другата страна, а освен тоа, постои соработка и на ниво на аналитички центри.
Многу луѓе не знаат дека постојат две големи мрежи на аналитички центри во светот, едната е „ЕуроМеСцо“, со седиште во Барселона, која собира 104 аналитички центри од ЕУ и Медитеранот, а другата е Мрежата за стратегиски студии од Вашингтон, која ги собира американските и азиските аналитички центри.
На нивните заеднички средби, а имав можност да учествувам на такви во 2014 година во Бангкок, имаше експерти од САД, Русија, Кина, Индија, Јужна Америка, се разговараше за меѓународните односи и стратегиската безбедност, па дури и за нуклеарната безбедност, и тоа во сите аспекти. Многу е веројатно дека преку овие канали е испратена порака до руската страна да не си игра со нуклеарната Пандорина кутија.