Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран дека секој нов напад врз бродови ќе предизвика уште посилен одговор, откако американските вооружени сили извршија нови операции против Иран.
– Ова е одмазда за вчерашните бомбардирања на бродови од страна на Иран. Ако се повтори, ќе биде уште полошо! – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Социал“ (Truth Social).
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека е извршен нов бран воздушни и поморски напади со цел да се ограничат способностите на Техеран да го попречува поморскиот сообраќај низ Ормуската теснина.
Иран засега не презеде одговорност за последните напади врз бродовите, но претходно објави дека само маршрути кои тој ги одредил низ Ормуската теснина се безбедни.
Трамп, исто така, претходно изјави на самитот на НАТО во Анкара дека кревкото примирје постигнато во април „завршило“.

































