Централниот суд во Сеул му изрече казна затвор од 30 години на поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол, откако го прогласи за виновен дека наредил операција за испраќање дронови во Северна Кореја со цел да предизвика прекугранични тензии и да создаде услови за воведување воена состојба во 2024 година.
Според пресудата, Судот оценил дека обвинетите, под превезот на воена операција, се обиделе да испровоцираат реакција од Северна Кореја која би послужила како оправдување за прогласување воена состојба во земјата.
Јун ги отфрли сите обвиненија и негираше дека сторил кривично дело. Неговите адвокати тврдат дека тој ниту ја наредил, ниту подоцна ја одобрил спорната операција. Според одбраната, акцијата не била поврзана со планови за воведување воена состојба, туку претставувала одговор на повеќемесечните активности на Северна Кореја, која испраќала балони со отпад преку границата.
На иста казна од 30 години затвор е осуден и поранешниот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, поради неговата вмешаност во операцијата.
Поранешниот началник на Командата за контраразузнавачки операции, Јео Ин-хјунг, е осуден на 15 години затвор, додека поранешниот командант на Командата за операции со дронови, Ким Јонг-де, доби условна казна затвор од три години со рок на проверка од пет години.
Во образложението на пресудата се наведува дека обвинетите ја злоупотребиле воената операција во обид да создадат услови за политички потези што не биле оправдани со реалната безбедносна состојба.
Ова е најновата пресуда против Јун Сук-јеол, кој веќе се наоѓа во притвор поради други судски постапки поврзани со наводниот обид за воведување воена состојба. Во февруари годинава тој беше осуден на доживотен затвор за поттикнување бунт преку прогласување воена состојба, но на таа пресуда поднесе жалба.
Случајот претставува еден од најголемите политички и правни скандали во поновата историја на Јужна Кореја и дополнително ја продлабочува кризата предизвикана од обвинувањата дека државниот врв се обидел да ја искористи безбедносната закана од Северна Кореја за внатрешнополитички цели.

































