Фото: Влада

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека е неопходно да се продолжи со пружањето помош за Украина, но дека ќе биде тешко и дека Западот ќе ја плати цената за поддршката на Киев.

– Она што го гледаме е поддршка без преседан од европските сојузници во НАТО, Германија, Канада, САД и многу други земји ширум светот. Учествував на форумот на Кримската платформа на претседателот на Украина Владимир Зеленски и пораката што ја испратија сите лидери е јасна: стоиме зад Украина и ќе ја поддржуваме таа земја се додека е потребно. Тоа е пораката на сојузниците во НАТО – изјави Столтенберг за германската телевизија ЗДФ.

Тој нагласи дека обезбедувањето воена помош за Киев не е лесно.

– Не велам дека е лесно. Потребна е напорна работа. Посветен сум на работа со другите лидери на Алијансата во Европа и Северна Америка за да се обезбеди континуирана поддршка – рече Столтенберг.

Тој нагласи дека поддршката на Германија е значајна и изрази надеж дека германската влада ќе направи повеќе. Генералниот секретар на Алијансата предупреди дека следната зима ќе биде тешка, пренесе ТАСС.

– Ќе платиме цена за нашата поддршка за Украина како резултат на санкциите. Русија, се разбира, ја користи енергијата како оружје. Но, мораме да разбереме дека нема алтернатива за нашата поддршка – рече Столтенберг.

Тој го повика Западот „да ја максимизира веројатноста за прифатлив исход од војната од гледна точка на Украина“, истакнувајќи дека најдоброто што можат да направат западните земји е да обезбедат воена, финансиска, хуманитарна и економска поддршка на Украина.

Столтенберг истакна дека поддршката за Украина може да трае со години, но дека ќе има последици, не само во воената сфера, туку и во индустријата.