Фото/Илустрација: Совет за безбедност на ОН

По неколкудневна дебата, Советот за безбедност на ОН денеска усвои резолуција со која се бара поголема хуманитарна помош за цивилното население во Појасот Газа. Тонот на текстот на документот беше значително омекнат од оригиналната верзија, што им овозможи на САД, најголемиот поддржувач на Израел, да се воздржат од гласањето, јави ДПА.

Советот за безбедност неколкупати оваа недела го одложи гласањето за новата резолуција за конфликтот во Газа, откако се чинеше веројатно дека САД, како постојана членка на тоа тело на ОН, ќе стават вето на нацртот поднесен од Обединетите Арапски Емирати за заштита на интересите на Израел.

Значајните отстапки на преговарачите спречија резолуцијата да пропадне во последен момент. Вкупно 13 од 15-те земји во Советот за безбедност гласаа за текстот, Русија и САД беа воздржани.

Резолуцијата, која е обврзувачка според меѓународното право, го повикува Израел да обезбеди „непосреден хуманитарен пристап“ до Појасот Газа, како и да создаде „услови за одржлив прекин на непријателствата“.

Во врска со спорното прашање за тоа како да се проверат испораките на помош што одат во Газа, членовите на Советот се согласија да назначат одговорен координатор на ОН, кој исто така ќе се погрижи испораките да се забрзаат во соработка со сите актери.

Сепак, други пасуси беа избришани по притисокот од САД, вклучително и параграф со кој се осудуваат „сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право“ како и не беше вклучено барањето за итен прекин на непријателствата за да се овозможи испорака на помош.