Забележана појава на ретка зараза на туристичкиот брод „Хондиус“

  • Постои сомневање дека три лица починале откако покажале симптоми на хантавирусот, додека досега лабораториски се потврдени пет случаи на заразата меѓу патниците на туристичкиот брод „Хондиус“ што испловил од Аргентина кон Антарктикот на 1 април. Здравствените власти на три континенти го истражуваат изворот на заразата, со што тестирањата на патниците покажале дека станува збор за хантавирус првично пронајден во Јужна Америка, соопштија официјални лица
  • Хантавирусот обично се шири од глодачи и може да се пренесува од човек на човек, иако тоа е ретко, според СЗО, чиј врвен експерт за епидемии рече дека ризикот за јавноста е низок

Појавата на реткиот хантавирус на туристички крузер што пловел од Аргентина кон Антарктикот, а потоа преку Атлантски Океан, застанувајќи патем, се одвивала во текот на неколку недели во кои патници и членови на екипажот се разболувале, според информациите од операторот на крстосување, Светската здравствена организација (СЗО) и податоците за следење на бродовите, пренесуваат светските медиуми.
Според достапните податоци, изминал речиси еден месец откако еден повозрасен Холанѓанец се разболел и починал во Јужен Атлантик и лабораториските тестови во Јужна Африка со кои биле потврдени инфекции со хантавирусот. Тројца патници починале, еден е на интензивна нега во јужноафриканска болница, додека тројца други биле евакуирани од бродот завчера. Друг патник што го напуштил бродот претходно во текот на патувањето, бил позитивен на тест спроведен во Швајцарија.
Повеќе од 140 патници и членови на екипажот биле на бродот „Хондиус“ кога тој тргнал од Зелено’ртските Острови во Африка кон Канарските Острови во Шпанија. Тестирањата на патници во Јужна Африка и во Швајцарија покажале дека станува збор за хантавирус првично пронајден во Јужна Америка, соопштија официјални лица.
– Со зголемување на бројот на потврдени инфекции на пет, здравствените власти на три континенти го истражуваат изворот на заразата, пронаоѓајќи десетици лица што можеби биле во контакт со патниците што порано го напуштиле бродот – наведува „Асошиејтед прес“.
Хантавирусот обично се шири со вдишување контаминиран измет од глодачи и може да се пренесе од човек на човек, иако тоа е ретко, според СЗО, чиј врвен експерт за епидемии рече дека ризикот за јавноста е низок. Повисоките температури го прошируваат опсегот на зараза бидејќи глодачите што го носат хантавирусот со затоплувањето може да стигнат на повеќе места, предупредуваат експертите.

Што се случило на бродот

Туристичкиот брод „Хондиус“ тргнал на патување од јужна Аргентина на 1 април. На 6 април 70-годишниот Холанѓанец се разболел со симптоми на треска, главоболка и дијареја, како што соопшти СЗО. Тој починал на бродот на 11 април, откако развил респираторни проблеми.
Бродот пловел речиси две недели, запирајќи во близината на островот Тристан да Куња пред да стигне до Света Елена, каде што телото на Холанѓанецот било изнесено од пловилото на 24 април. Неговата 69-годишна сопруга тогаш го напуштила бродот. Таа веќе имала симптоми, со што нејзината состојба се влошила за време на лет за Јужна Африка на 25 април, по што починала во болница наредниот ден, според извештајот на СЗО. Третата жртва, Германка, починала на бродот во саботата, четири дена откако се разболела, а исто така имала симптоми на пневмонија.
Пациентот во Швајцарија го напуштил бродот во Света Елена, според швајцарските власти. Друг патник, Британец, се разболел откако бродот испловил од Света Елена до мал остров во Јужна Африка, на околу 1.300 километри северно. Тој имал висока температура, отежнато дишење и знаци на пневмонија, според СЗО. Тој бил евакуиран од островот на 27 април, по што е на интензивна нега во Јужна Африка. Следењето на контактите на заболените е во тек.

СЗО ја истражува појаватана хантавирусот на бродот

Патниците на бродот се од Велика Британија, САД, Шпанија, Холандија, Германија и на десетина други земји. Патниците и екипажот се изолирани во кабини со „физичко дистанцирање“, соопшти СЗО, која моментално спроведува истрага за да открие како вирусот што е релативно редок кај луѓето се проширил на бродот.
Надлежните служби и медицинските експерти во Аргентина се обидуваат да утврдат дали нивната земја е извор на хантавирусот што го зафати крузерот. Здравствената криза на бродот доаѓа во време кога Аргентина доживува пораст на случаи на хантавирус, што многу локални истражувачи за јавно здравје го припишуваат на неодамна забрзаните ефекти од климатските промени. Аргентина, од каде што тргна крстосувањето до Антарктикот, постојано е рангирана од СЗО како земја во Латинска Америка со највисока инциденца на ретката болест што се пренесува од глодачи.
Водечка претпоставка на надлежните аргентински институции е дека холандскиот пар што починал го добил вирусот за време на излет за набљудување птици во аргентинскиот град Ушуаја, пред да се качи на бродот, според двајца истражители.
Холандската компанија „Оушнвајд експедишн“, која управува со бродот „Хондиус“, нуди „експедициски крстосувања“ што вклучуваат патувања до Антарктикот и неколку острови во Јужен Атлантик. Крстосувањата може да траат еден месец или повеќе и чинат помеѓу 6.000 и 25.000 долари, во зависност од сместувањето.

Р.С.


Што е хантавирус?

Хантавирусот е вирус што се шири претежно преку урина, измет или плунка на глодачи како стаорци или глувци, според Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ) на САД. Постојат неколку вируси што му припаѓаат на семејството хантавиридае, а секој вирус има тенденција да биде поврзан со специфичен глодач во кој може да преживее без да предизвика болест кај животното.
Вирусот ги напаѓа белите дробови и бубрезите, што доведува до замор, треска, главоболки, гадење и повраќање. Околу десет дена по инфекцијата, заболените се соочуваат со тешкотии при дишењето бидејќи нивните бели дробови се полнат со течност. Во одредени случаи може да се јават и проблеми со бубрезите една-две недели по изложеноста. Симптомите може да почнат со треска, гадење и болки во грбот или стомакот и на крајот да доведат до низок крвен притисок и внатрешно крвавење бидејќи бубрезите почнуваат да откажуваат.
Општо земено, хантавирусот не се пренесува лесно од човек на човек, но постои одреден исклучок: вирусот андес, кој е дел од семејството хантавируси и може да се пренесе преку капки меѓу членови на исто домаќинство.
Постои тест за откривање на вирусот, но не е прецизен во првите 72 часа по изложеноста. Доколку постои сомнеж за зараза, лекарите препорачуваат да се направи втор тест во рок од 72 часа по појавата на симптомите.
Не постои стандарден антивирусен третман за оваа група вируси, со што лекарите препорачуваат одмор и внесување многу течности и лекови за намалување на температурата. Се смета дека дополнителен кислород може да помогне во ублажување на потешките респираторни симптоми.

Р.С.