Фото: Официјален фејсбук-профил

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции против Куба, насочени кон воено-индустрискиот конгломерат GAESA и државната компанија „Моа Никел СА“ (Moa Nickel SA), објави Ројтерс.

Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека мерките се дел од засилениот притисок врз кубанското раководство, преку таргетирање на секторите што носат значајни странски приходи за островот.

Под санкции се најде „Групо де Администрејшен Емпресариал С.А – ГАЕСА“ (Grupo de Administracion Empresarial S.A) (GAESA), воен конгломерат за кој американските власти тврдат дека контролира околу 40 проценти од кубанската економија. Санкционирана е и извршната претседателка на компанијата, Анија Гиљермина Ластрес Морера.

Мерките ја опфаќаат и компанијата  „Моа Никел СА“ (Moa Nickel SA), заеднички проект на канадската „Шерит Интернационал Корп“ (Sherritt International Corp) и кубанската државна компанија за никел, која се занимава со ископ на никел и кобалт.

Ова следува откако Трамп минатата недела потпиша извршна наредба за проширување на санкциите против Куба. Вашингтон воедно ги ограничи патувањата и дознаките од САД кон Куба и започна кампања против ангажирањето кубански лекари во странство, програма која Куба ја смета за важен извор на девизни приходи.

– Денешните санкции покажуваат дека администрацијата на претседателот Трамп нема да стои настрана додека комунистичкиот режим во Куба ја загрозува нашата национална безбедност – напиша Рубио на мрежата Икс.

Тој додаде дека САД ќе продолжат со мерките сè додека Куба не спроведе политички и економски реформи.

САД со децении бараат од Куба отворање на економијата, компензација за конфискуваниот имот по револуцијата на Фидел Кастро и одржување слободни избори. Од Хавана, пак, порачуваат дека социјалистичкиот систем не е тема за преговори и дека американските санкции се главна причина за економските проблеми на островот.