Илустрација / Фото: Пекселс

Северна Кореја истрела проектил во морето во близина на источниот брег на Корејскиот Полуостров, соопшти денеска началникот на Генералштабот на Јужна Кореја.

Јапонската крајбрежна стража, исто така, соопшти дека Северна Кореја истрелала балистичка ракета.

Лансирањето доаѓа два дена откако севернокорејскиот државен медиум КЦНА објави дека лидерот Ким Џонг Ун повикал на зајакнување на военото одвраќање на земјата на „попрактичен и поофанзивен“ начин за да се спротивстави на, како што ја нарече, агресијата на САД.

Јапонската влада соопшти дека предупредувањето за итна евакуација што го издаде и подоцна го повлече, за жителите на северниот остров Хокаидо по лансирањето на ракетата од Северна Кореја, е соодветно и не се работело за грешка. Системот за предупредување за итни случаи им порача на милиони луѓе во Хокаидо веднаш да се засолнат.

– Не ги коригиравме информациите објавени од системот за итни емитувања J-Alert“ – рече на прес-конференција главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно.

Тој рече дека севернокорејската ракета исчезнала од јапонскиот радар веднаш по детекцијата, а дополнителната анализа утврдила дека нема можност да слета на јапонска територија, што довело до укинување на предупредувањето за евакуација.

– Предупредувањето на J-Alert е издадено за да се информираат граѓаните за опасноста од паѓање на проектил, така што безбедноста на граѓаните е приоритет – рече Мацуно.