Големите енергетско-политички игри

Втората светска војна беше војна за пристап и контрола на енергетските ресурси, особено нафтата и нејзините деривати (таа е неопходна за изработка на писти, синтетичка гуми, производство на толуен, кој е главна компонента на ТНТ, дестилирање бензин, деривати што се употребуваат како гориво за авиони, џипови, трактори, камиони, тенкови,…). Оној што ќе ги контролира енергетските ресурси и патот на ресурсите, тој ја контролира сегашноста, но и иднината. Доколку Германија успееше да ги освои големите наоѓалишта на нафта во Баку, големата енергетско-политичка игра ќе завршеше на сосема друг начин. Германија никогаш немала наоѓалишта на нафта и на гас, но затоа пак има огромни наоѓалишта на јаглен од кои добиваше синтетички бензин (Synfuel) со хидрогенизирање на јагленот на високи температури и притисоци. Таа технологија ја разви „ИГ Фарбен“, или германската хемиска индустрија разви сосема нов начин на производство на нафта.
Пред Втората светска војна, Германија ја купуваше нафтата од САД, СССР, Романија, Мексико, Венецуела, Иран, а дел добиваше и од преработка на јаглен. Дури и откако почна Втората светска војна и откако ја окупираа цела Европа, СССР и САД ѝ продаваа нафта. Откога Германија го нападна СССР (јуни 1941 г.), тој ја прекина продажбата на нафта на Германија, а САД продаваа сѐ додека официјално не ѝ објавија војна. Во тој период големите наоѓалишта во Сибир, Касписко Море т.е. подрачјата на Блискиот Исток и Северна Африка не беа доволно истражени. Единствено Азербејџан како дел од СССР беше во состојба во секој момент да снабдува нафта во огромни количества, како и Ирак и Иран. Идејата на Хитлерова Германија беше да дојдат до нафтените ресурси по секоја цена, затоа што авионите, тенковите, подморниците, камионите, комбињата, бродовите сето тоа работи на нафта и нејзините деривати. Генералот Ервин Ромел, најквалитетниот германски генерал, наречен пустинска лисица, рекол „ниту пушките ниту муницијата не се од голема корист во модерното војување, ако нема доволно гориво за да ги влече наоколу… “.

Откога Романија им се приклучува на Силите на оската, таа целото свое производство на нафта ѝ го става на располагање на германската војска, а Романија важеше за една од земјите со големи наоѓалишта на нафта и огромни рафинерии. Германските аналитичари ги зеле во нивните пресметки наоѓалиштата на нафта во Романија, па и во Унгарија, и германското производство на нафта од јаглен, синтетички бензин, при што установиле дека тоа е доволно да го нападнат и освојат СССР за да дојдат до нафтата од Кавказот. Но не ги зеле предвид сите ризици, особено ризикот од тоа да немаат доволно гориво и да им застане целата механизација. Најголемата причина зошто тргнале преку Сталинград до Баку било тоа што словенските народи, според нив, се инфериорна раса и дека ќе ги прегазат словенските народи од СССР за 10 недели. Ова е познато како операцијата „Барбароса“, кога три милиони германски војници со 600.000 моторни возила требало жестоко и брзо, и она најважното, да ги изненадат при нападот СССР. Три армии го напаѓаат СССР (северна, централна и јужна армија) опремени со најнови тенкови, авиони, топови, бродови, муниција, артилерија, пешадија, квалитетен офицерски кадар. На почетокот и сѐ до средината на 1943 г. имаат неверојатни успеси на сите три фронта, но и доволно големи резерви на нафта. Но нивното синтетичко гориво и горивото од Романија не се доволни за нивните потреби. За да заштедат на енергенти, на самата воена и цивилна индустрија во Германија (фабриките, училиштата, државните установи) со декрет им е наредено да се префрлат на користење јаглен. Но и тоа не е доволно. Кај Сталинград почнаа да губат, а на толку долг фронт од илјадници километри тешко се носи гориво за нивните машини, авиони. За да успеат донекаде да го зачуваат горивото за потребите на нивните воени машини, користат за транспорт возови на јаглен за пренесување војници и орудија, но и создаваат армија од околу 1,2 милион коњи, мазги и волови што ги пренесуваат топовите, ги влечат тенковите, ги носат муницијата и оружјето. Ако на почетокот нивните напади со помош на воената механизација беа брзи, маневарски добро покриени, тоа беше поради големите количества нафта, но во подоцнежниот период со воведувањето коњи и волови нивната брзина се намали со што руската армија, која веќе во 1943 г. имаше завидно количество воена механизација и огромни количества нафтени производи успеа да се консолидира и да напаѓа. Доколку паднеше Сталинград, патот до Касписко Море и реката Волга, преку која се одвиваше коридорот на пренос на нафтени производи и храна, за Германците ќе беше отворен. Потрошувачката на нафта и нејзините деривати за Германија во Втората светска војна го имаше овој однос: во 1936 г. – 102 МБД (милиони барели) без синтетичко гориво, во 1939 г. – 209 МБД од кои 13 отсто германско гориво произведено од јаглен, во 1943 г. – 238 МБД од кои 35 отсто германско гориво произведено од јаглен, во 1944 г. – 148 МБД од кои 20 отсто германско гориво произведено од јаглен и во 1945 г. – 23 МБД од кои 2 отсто германско гориво произведено од јаглен.

Веќе во 1944 г., сојузниците и СССР увидуваат дека треба на Германија да ѝ го уништат секое снабдување со гориво и затоа ги бомбардираат и позициите на романската нафтена индустрија (Плоешти), која беше целосно ставена за потребите на германската војска, уништувајќи ги и потоа заземајќи ги нивните нафтени полиња и рафинериите. Но и тоа не беше доволно затоа што германската хемиска индустрија (најнапредната индустрија во тој период во светот) изработува германско гориво произведено од нивен јаглен, синтетичко гориво, па сојузниците почнаа да ги уништуваат и тие објекти во самата Германија. Некаде кон крајот на 1944 г. и почетокот на 1945 г., германската армија се соочи со огромен недостиг од гориво. Нивните тенкови „панцир и „тигар“, нивната гордост, кои трошеа по околу 120 литри гориво на 100 км, нивната Луфтвафе, застанаа на воените полиња и не можеа да одговорат на нападот на руската армија, како и на нападот на сојузничките сили од Нормандија, што и беше еден од клучните фактори за нивна капитулација. Втората светска војна го покажа значењето на горивото, во исто време издигнувајќи ги на пиедестал стратегиските места што ги поседуваат огромните наоѓалишта на нафтата и нејзините деривати.

Љупчо Давчев

Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство