Фото: Фликр/Бела куќа

Семејната комапнија на Доналд Трамп „Организацијата Трамп“ (Trump Organization), вчера од судот во Менхетен, во Њујорк, беше прогласена за виновна за проневера и даночна измама, по судењето што не го вклучи и поранешниот американски претседател, јавија американските медиуми.

– Ова е првпат семејна компанија, во која се вклучени клубови за голф, луксузни хотели и агенции за недвижности да биде осудена во кривична постапка – изјави главниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, во соопштението за печатот.

Иако на Трамп не му беше судено лично и иако казната беше релативно мала во споредба со големината на компанијата, тоа е судски пораз за поранешниот претседател (2017-2021), кој официјално е кандидат за републиканска номинација за претседателските избори во 2024 година.

– Поротата на судот во Менхетен, која во понеделникот се повлече на советување по повеќе од еден месец судење, „ги прогласи за виновни „Trump Corporation“ и „Trump Payroll Corporation“за виновни по сите 17 точки од обвинението – додаде главниот обвинител Алвин Брег, инаку демократски застапник.

Пресудата ќе биде изречена на 13 јануари 2023 година, соопштија неговите служби.

Истовремено, претседавачот со комисијата на Претставничкиот дом, која го истражува нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година, изјави дека комисијата одлучила да испрати препорака до Министерството за правда за формулирање кривичен предмет.

Бени Томпсон, претседател на Комисијата, го потврди ова вчера на прашање од новинар, но не прецизираше кому, кога и за што би можеле да бидат покренати обвиненија.

Препораката не значи и дека Министерството ќе оформи кривичен предмет поврзан со упадот во американскиот Конгрес.

Упадот се случи по повик на тогашниот претседател Доналд Трамп, при што во нередите пет лица, вклучувајќи и еден полицаец, загинаа за време или веднаш по нередите, а повеќе од 140 полицајци беа повредени.

Трамп тогаш негираше дека изгубил и гласањето на претседателските избори го прогласи за фалсификат. Во хаотичниот упад на толпата, Капитолот беше материјално оштетен за милиони долари, а потпретседателот Мајк Пенс, членови на Конгресот и соработници се спасуваа бегајќи од зданието.

Поврзано со ова пак, Министерството за правда вчера повика на сослушување низа локални службени лица од Аризона, Мичиген и Висконсин, а за нивните комуникации со Трамп пред 6 јануари 2021 година. Тие беа повикани од Џек Смит, новиот специјален советник за 6 јануари назначен од министерството.

Аризона, Мичиген и Висконсин беа во средиштето на плановите наТрамп да ги преиначи резултатите и остано на власт по изборите во 2020 година.