Светските шампиони и светски рекордери Сидни Меклафлин-Леврон и Мондо Дуплантис се прогласени за најдобри атлетичари за 2022 година, објави Светската атлетика (СА). Меклафлин-Леврон и Дуплантис, добитници на наградите „ѕвезди во подем“ пред само четири години, ги соборија светските рекорди во нивните соодветни дисциплини повеќе од еднаш годинава.
Меклафлин-Леврон го подобри сопствениот светски рекорд на 400 метри со пречки за 78 стотинки, прво до 51,41 на првенството во САД, а потоа до 50,68 секунди на Светското првенство во Орегон.
– Сите мои цели беа остварени годинава. Не можеше да биде подобро – рече Меклафлин-Леврон.
Дуплантис годинава постави три светски рекорди во скок со стап, освои две светски титули, победи на 18 од неговите 19 натпревари и 23 пати прескокна барем шест метри. Дуплантис, и покрај тоа што само што наполни 23 години, има повеќе скокови над шест метри од кој било друг скокач со стап во историјата, пишува СА. Неговата сезона на соборување на рекордот почна со непоразеност во сезоната во сала, и светски рекорд од 6,19 метри во Белград. Тој се врати во српскиот главен град две недели подоцна на Светското атлетско првенство во сала, каде што освои злато со скок од 6,20 метри, за уште едно подобрување на светскиот рекорд. Потоа прескокна 6,16 метри во Стокхолм, највисокиот скок на отворено досега во историјата. Тоа беше совршено загревање за Светското првенство три недели подоцна во Орегон, каде што одново постави светски рекорд, со скок од 6,21 метри.
– Годинава имав навистина големи очекувања од себе и имав навистина големи цели. Сакав да ги освојам светските титули во затворено, на отворено, титула на Европското првенство, во финалето на Дијамантската лига и сакав неколкупати да го соборам светскиот рекорд. Не можам да се пожалам – рече Дуплантис.