Почина д-р Милош Вучидолов

ИН МЕМОРИАМ

Има луѓе чие дело генерациите ќе го паметат за навек. Една од таквите личности што оставија голема трага во нашето спортско живеење е д-р Милош Вучидолов, кој во 87-та година од животот нѐ напушти и замина во вечноста. Доктор Вучи беше омилен. Неговите совети и помош, дури и тогаш кога спортистите се соочуваа со тешки повреди, беа од непроценливо значење. Тоа најубаво го почувствуваа нашите боречки шампиони во втората половина од минатиот и првите две декади од овој век. Тој секогаш беше со нив, а заедно со Насе Насев беа главните алки од кои беше проткаен синџирот со блесок на спортски медали. Популарниот Вучи е вткаен во олимписките медали на Шабан Трстена и на Шабан Сејдиу, како и во медалите освојувани на големата сцена од Зоран Шоров, Чедо Николовски, Абаз Емини, Ристо Дарлев, Киро Ристов, со еден збор целокупната плејада врвни македонски борачи. Кога за многумина поради повреди немаше надеж, Вучи беше тука, не се предаваше и им ја враќаше надежда кон остварување на целта. Има многу примери што не се забораваат и говорат за неговото знаење и стручност. Доктор Милош Вучидолов, покрај својот целокупен опус, беше и еден од основоположниците на спортската медицина во Македонија. Неговото дело никогаш нема да избледи, тој вечно ќе остане запишан во македонската спортска историја. Него ќе го паметат и голем број југословенски спортисти, со кои имаше повеќе учества на неколку олимпијади. З.М.