Американскиот претседател Доналд Трамп најави драстично засилување на економскиот притисок врз Иран, заканувајќи се со „економска војна“ и изолација на Техеран во досега невидени размери. Најавата доаѓа во услови на застој во преговорите меѓу САД и Иран.
Трамп преку својата платформа „Трут соушл“ порача дека Иран не ја искористил можноста за постигнување договор, иако, како што наведе, од американска страна му била дадена голема можност за тоа.
Американскиот претседател најави „најсурова економска операција“ досега преземена против една држава, оценувајќи ја како економска војна и изолација во невиден обем.
Воедно, Трамп упати директно предупредување до земјите и институциите кои би му обезбедиле финансиска или друга економска поддршка на Иран. Тој порача дека финансиските институции, компании, аеродроми и државни структури кои ќе му пружат помош на Техеран ќе се соочат со сериозни економски последици.
Најавата претставува дополнително засилување на американскиот притисок врз Иран, во период кога преговорите за постигнување договор се во застој.
Од друга страна, иранските медиуми не покажаа особена загриженост по најновите закани на Трамп. Според нивните оценки, станува збор за продолжување на досегашната американска политика на максимален притисок врз Техеран.
Иранската новинска агенција „Фарс“ оцени дека изјавите на Трамп се дел од „психолошка војна и пропагандна кампања“, потсетувајќи дека американскиот претседател и во минатото најавувал мерки со историски размери против Иран.
Агенцијата „Тасним“, пак, оцени дека најновата порака на Трамп не носи суштински нов момент, бидејќи САД со години се обидуваат да ги ограничат финансиските и економските врски со Иран.
Според „Тасним“, Иран во меѓувреме научил како да ги заобиколува американските ограничувања и станал „многу вешт“ во тоа.

































