Фото: Министерство за одбрана на Русија

Не успевајќи да ја постигнат првичната цел за заземање на украинскиот главен град Киев со брза кампања, руските сили ги насочија напорите кон регионот Донбас на истокот на Украина, во следното поглавје на војната што се очекува да биде пресудно и крваво, според проценките на украинските и западните власти, пишува „Форин полиси“.

–  Ако Украинците ја издржат претстојната офанзива, тогаш Русите се во навистина опасна позиција – смета Џастин Бронк од лондонскиот тинк-тенк РУСИ.

Западните власти очекуваат значителна ескалација во борбите во источна Украина во следните неколку недели, додека Русија продолжува да разместува трупи и опрема во регионот.

– Американски претставник од министерството за одбрана вчера им кажал на новинарите дека Русија воспоставила три полиња за борбата во Донбас – во Белгород, Валујки и Ровењки. Русија исто така се обидува да ја подобри мобилноста и оружената моќ јужно од стратешки важниот град Изјум, со цел да ги изолира украинските трупи во Донбас, што вклучува и изградба на мост над локалната река – пишува американскиот магазин.

Се проценува дека Русија уште има значително количество на опрема и оружје во резерва, додека украинските сили го познаваат теренот добро и се мотивирани, наспроти зависноста од западното оружје. Згора, западните експерти сметаат дека двете војски се изморени од досегашното војување, па прашање е кој ќе биде подобро подготвен за очекуваниот судир во Донбас.

– Ако руската офанзива на Донбас успее со заземање на големи делови на територија и опколување на украинските трупи, тоа ќе ѝ даде на Москва значителна предност во идните мировни договори, а можеби и прилика за покренување на нова офанзива на Киев – заклучува „Форин полиси“.

Украинските и западните власти веруваат дека Русија си наметнува притисок за постигнување победа во пресрет на 9 мај кога годишнината од победата над фашизмот се одбележува со голема воена парада во Москва.